Партиските кадри прво се впумпуваат во Министерството за надворешни работи, а потоа истите се унапредуваат и брзо добиваат нови „чинови“ во систем во кој учествуваат т.н. национални координатори, тврди претседателот на Македонскиот дипломатски синдикат, Зоран Дабиќ на денешната партиска трибина на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, унапредувањата во МНР се без законска основа.
– Она што во врска со вашето прашање би можел да го констатирам е дека последните 7-8 години би ги поделил на два периода. Првиот период е на масовно впумпување на партиски кадри во МНР, а вториот период, последните неколку години, масовно унапредување на истите тие кадри. Дури како синдикат утврдивме одредени параметри и начини како тоа се прави и е многу едноставно. Во минатото имавме неколку национални координатори за одредени области, но сега има неколку десетици позиции на национални координатори кои веројатно се користат пред сè за унапредување – истакна Дабиќ.
Тој исто така ја објасни и шемата која се злоупотребува за брзо унапредување на одредени лица во МНР, иако во дипломатијата исто како во војската треба да има периоди од кариерата во која се стекнува одреден чин.
– Системот е едноставен. На одреденото лице кое сакате да го унапредите му давате функција национален координатор за некоја област и автоматски поради титулата добива едно звање, унапредување и после три месеци таа титула му се одзема и се дава на друг за да оди истиот систем, а него по дискреционо право му се дава второто звање. Дискреционото право е нешто што по исклучок треба да се прави, меѓутоа се користи во овој врзан систем за двојни унапредувања. И така имате ситуации во кои буквално за една година од низок ранг дипломати добивате среден ранг дипломати, или пак други дипломати од среден ранг во највисок ранг дипломати, иако во дипломатијата исто како во војската има периоди за секој во војска чин или за секое звање, три четири години мора да бидете поручник, па мајор, па капетан. Овој е само еден од начините како тоа правило се заобиколува – појасни Дабиќ.
На овие наводи реагираше МНР. Од Министерството велат дека уште се соочуваат со раководните кадри и министри од времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ кога била спроведена „партизација“.
„Изминативе години, во работењето на институцијата за прв пат не е важно партиското убедување на дипломатите кои со децении политичките партии ги делеле на наши и ваши. Покрај тоа, во овој изминат период под секое ниво биле сведени стручноста и непристраната работа на дипломатите и амбасадорите. Во тој период, за први луѓе по амбасадите биле праќани слаткари и слично – со кои тешко може да се изгради непристрасна и објективна професионална работа на дипломатите“, стои во соопштението на МНР.
Од МНР велат дека Дабиќ постапува по партиска амбиција и дека го нарушил угледот на дипломатијата.
Тие тврдат дека унапредувањата во министерството се вршат меритократорно.
„Од почетокот на мандатот на актуелниот министер, вработувањата, унапредувањата и испраќање на мисии се врши преку интерни огласи, согласно законските процедури, а овие активности се вршат според мерит-системот, почитувајќи го и принципот на етничка и родова дистрибуција“, стои во реакцијата на МНР.
На денешната панел-дискусија на ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот Антонио Милошоски и поранешен министер, потенцираше дека МНР наместо да ја рекламира Македонија надвор од светот, го рекламира министерот во Македонија, а на стопански план МНР е најслабата алка, како и дека е оценето како министерство со најмала транспарентност што значи дека или нема кадар или раководството има податоци кои не сака да ги сподели.
Милошоски како таква евтина реклама го наведе примерот кога Османи се пофали пред медиуми со набавени тротинети, нешто што е крајно несериозно и злоупотребено од министерот за сопствена кампања.