More

    Четирислојна Европа, правото на вето да се укине, да се реши кој ќе пие и кој ќе плаќа

    spot_img

    „За да има проширување на Европската Унија, кандидатите за членство мора да ги спроведат реформите, а ЕУ од своја страна мора да се подготви за нивниот прием. Ова е првпат по многу години да имаме дебата на високо ниво за вакво фундаментално и важно прашање.“

    Ова го изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, при пристигнувањето на денешниот неформален самит на ЕУ што се одржува во шпанскиот град Гранада, најавувајќи ја сесијата за најважната тема.

    Празната реторика веќе никого не импресионира

    – Ова ќе биде важен состанок на Европскиот совет, бидејќи ќе претставува стартна точка за стратешката агенда на ЕУ. За нас е важно да расчистиме неколку работи: што сакаме во иднината, кои се нашите приоритети и која е нашата идна политика, за да дојдеме до перспективата на проширувањето – додаде Мишел.

    Самитот во Гранада до сега беше оптоварен со расправа за војната во Украина и кризите во односите меѓу Азербејџан и Ерменија и меѓу Србија и Косово. Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел изјави дека доаѓањето на Украина како нова земја кандидат „ги турка останатите во редот и редот брзо ќе се движи“ кон „политичкиот хоризонт“.

    Но, ваквата реторика, се чини, никого веќе премногу не импресионира. Како ни лицитацијата со датумите и со „хоризонтите“. Самиот Мишел, „автор„ на датумот 2030 година, навести дека самитот во Гранада сепак ќе мора да финишира со расправа на најчувствителните теми поврзани со прашањето на политиката на проширување. Тој изјави дека во рамките на ЕУ треба да се реши и прашањето за начинот на носење на заеднички одлуки, како и за тоа како ќе биде платена реализацијата на заедничките цели и политики на Унијата, најавувајќи дека главна тема на расправа ќе биде новиот германско-француски предлог.

    Каква би била таа четирислојна Европа?

    Франција и Германија уште на 19 септември пред Министерскиот совет на ЕУ доставија предлог за внатрешни реформи, кои ќе овозможат успешно функционирање на ЕУ по нејзиното проширување на 30 или повеќе членки. Детали од планот, подготвен од независна група експерти на барање на Берлин и Париз, обелоденија „Фајненшел тајмс“ и „Гардијан“, по што тој предизвика бура реакции во Европа.

    Што предвидува овој план?

    Пред се, планот предвидува целосно нова архитектура на Унијата и нов пристап во процесот на проширување. Во ЕУ би имало четири слоја на интеграција. Во првиот, најтесен слој, би биле земјите кои се во монетарната унија и во Шенген зоната. Во вториот слој би биле останатите членки на ЕУ. Во третиот слој би биле придружните членки, чиј главен бенефит би бил пристапот на единствениот европски пазар, поради што ќе се придржуваат до заедничките принципи на ЕУ. Четвртиот слој е Европската политичка заедница, форумот на европски лидери кој вклучува земји внатре и надвор од ЕУ, инициран од Париз.

    Осум земји во моментов имаат официјален кандидатски статус во ЕУ: Турција, Украина, Молдавија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Две земји, Грузија и Косово, се потенцијални земји-кандидати.

    „Од геополитички причини, проширувањето на ЕУ е високо на политичката агенда, но ЕУ сè уште не е подготвена да ги пречека новите членки, ниту институционално ниту политички. Европската унија мора радикално да го промени своето одлучување и финансирање пред да може да прифати повеќе земји да се приклучат на блокот од 27 нации до 2030 година“, се вели во документот.

    На ваков начин повеќе не може да се одлучува

    Експертите ангажирани од Париз и од Берлин велат дека „институциите и механизмите за донесување одлуки во ЕУ не беа дизајнирани за група до 37 земји и тие им отежнуваат дури и на постоечките 27 членки на ЕУ ефикасно да управуваат со кризи и да преземаат стратешки одлуки“. Во ЕУ сега се бара едногласност во одлучувањето за надворешната и за безбедносната политика, за даноците, за финансиите на ЕУ и за многу други важни прашања.

    Проширувањето на ЕУ е во врвот на листата на прашања за кои се потребен консензус. Во француско-германскиот предлог се предлага овој модел да се замени со одлучување на квалификувано мнозинство. Но, се смета дека промената во таа насока нема да оди лесно, бидејќи ќе бара измени на договорите на ЕУ, што би било долг и тежок процес, кој и самиот би барал едногласност.

    Дополнително, документот предвидува намалување на бројот на комесари во Европската комисија и ограничување на бројот на европски пратеници на сегашните 751. Сегашниот буџетски циклус и мандатот на Европската комисија и на Европскиот парламент би се скратиле од сегашните 7 на 5 години.

    На крајот на денот, најважни се – парите

    Буџетот на ЕУ, кој сега изнесува околу 1% од годишниот бруто национален производ на земјите членки на ЕУ. Тој буџет ќе мора значајно да се зголеми, според проценките на „Гардијан“ и на „Фајненшл тајмс“, за 256 милијарди евра. Поразителниот ефект од ова што многу членки кои моментално уживаат нето финансиски придобивки од ЕУ во иднина ќе се преселат во групара нето контрибутори. Инаку, зголемувањето на буџетот најмногу ќе ги погоди Германија, Франција и Холандија

    Украина, убедливо најголемата од сите 9 земји актуелни и потенцијални кандидати, ќе има право да повлече 186 милијарди евра во текот на еден буџетски циклус кој сега трае 7 години. Дури и тие огромни пари нема да бидат доволни за обновата на Украина – Светска банка оваа година процени дека за тоа ќе бидат потребни околу 400 милијарди евра, под услов војната да запре. Украина би претендирала и на 95 милијарди долари од буџетот за земјоделството, што сигурно ќе доведе до многу сериозни промени во вкупните политики на ЕУ во оваа област.

    Друг клучен фонд, познат како фонд за кохезија, кој обезбедува пари за инфраструктура во помалку развиените земји, исто така би бил значително погоден од проширувањето. Според сегашната формула за финансирање, Чешката Република, Естонија, Словенија, Кипар, Малта и Литванија повеќе нема да можат да добиваат пари од тој фонд.

    Македонија на маргините, чека нови „директиви“

    Македонија е на маргините на оваа дебата клучна за иднината на ЕУ. Впечаток е дека власта во Скопје и натаму се води според старите „директиви“, бидејќи нови изгледа нема. Додека премиерот Димитар Ковачевски главно се фотографира и дава небитни изјави, министерот за надворешни работи Бујар Османи во последните јавни настапи говори за тоа колку е разочаран што опозицијата не ги прифаќа уставните измени и што не може да го разбере „моментумот“, односно „историската шанса“ земјата да тргне напред кон ЕУ. Османи оценува дека опозицијата е оптоварена со прашањето на изборите, сакајќи да остави впечаток дека власта е заинтересирана само за европската агенда.

    Скопје нема сериозен фокус на дебатата за европската иднина на земјата. Расправите не се во никаква корелација со прашањата за кои веќе интензивно расправа самата ЕУ. Властите не можат да го проценат значењето на новиот француско-германски предлог, за кој интензивно ќе се расправа, за до крајот на годината да се утврдат основните правци на новата политика на проширување на ЕУ. Впечаток е дека опозицијата, пак, ги чека изборите, за потоа, од позиција на победник, да ги соопшти своите „адути“ и својот план за уставните измени. Реално е да се очекува до тогаш ЕУ да заземе појасен став во врска со механизмите на одлучување, со што за Македонија ќе се отвори нов „хоризонт“ и ќе се создаде нов „моментум“.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img