Германскиот тренер Томас Тухел, кој доби отказ во Челси по вчерашниот пораз од Динамо во Загреб (1-0) во рамки на првото коло во Лигата на шампиони, ќе добие обесштетување од лондонскиот клуб во износ од 17.5 милиони евра, објавија денеска британските медиуми.
Весникот „Дејли мејл“ наведува дека вкупните трошоци ќе го чинат Челси повеќе од 20 милиони евра, бидејќи со Тухел заминаа и неговите помошници.
Тухел дојде во Челси на 26 јануари 2021 година и со англискиот клуб ги освои Лигата на шампиони, Светското клупско првенство и Суперкупот на УЕФА.
Германскиот стратег претходно во кариерата ги водеше ПСЖ, Борусија Дортмунд, Мајнц и вториот тим на Аугсбург.