Бугарија ќе ја одложи или целосно ќе се откаже од таксата за транзит на руски гас низ нејзината територија во замена за повлекување на забелешките кои ги имаат Австрија и Холандија за приклучување на земјата во Шенген зоната. Преговорите околу тоа се водат во Словенија помеѓу министрите за внатрешни работи на Австрија, Бугарија и Романија, објави телевизискиот канал БНН на Блумберг.
Според медиумот, воведувањето на данокот предизвика загриженост во цела Југоисточна Европа, поради што Унгарија го нарече потегот на Бугарија „непријателски“ и ја повика ЕУ да спроведе истрага. Овој данок неминовно доведува до поскапување на гасот.
Оваа намера на Бугарија ја соопштија Бојко Борисов и Кирил Петков, поранешни премиери и лидери на двете најголеми партии во земјата пред состанокот на министрите за внатрешни работи на земјите од Централна и Источна Европа што се одржува во Словенија, а на кој ќе се разговара и за Шенген и за борбата против нерегуларната миграција.
– Се бара решение за одложување на наплатата за пренос на гас, во однос на што ќе се следи заедничкиот европски пристап. Тоа не треба да биде еднострано од страна на Бугарија, туку да се работи со ЕК – изјави Петков.
Борисов, пак, изјави дека добрососедските односи за Бугарија биле приоритет.
-Не треба да ја пропуштиме оваа шанса поради данокот – рече Борисов.
Се проценува дека Бугарија не добила многу од воведувањето на таксата.