More

    Бројот на затвореници лани зголемен за 25,5%

    spot_img

    На 31 јануари минатата година во Македонија т.н. стапка на затворање изнесувала 142 затвореници на 100.000 жители, што претставува нејзино зголемување за 25,5% на годишно ниво, покажуваа податоците од Годишна казнена статистика на Советот на Европа за 2023 година.

    Македонија се наоѓа на второ место меѓу членките на Советот на Европа според растот на стапката на затворање зад Молдавија, каде таа е зголемена за 52,1%, јави дописникот на МИА од Брисел.

    Зад Македонија се Кипар со раст на стапката на затворање од 24,8%, Турција  со 15%, Азербејџан со 12,5%, Ирска со 11,7%, Црна Гора со 11,3%, Ерменија со 10,6%, Хрватска со 10,4% и Унгарија со 8,7%.

    Најголемо намалување на стапката на затворања, до 31 јануари 2023 споредено со истиот датум во 2022 година бележи Литванија од 8,9%, пред Естонија од 8,8% и Грција од 5,2%.

    Од останатите земји од регионот, во Бугарија стапка на затворање за една година е зголемена за 8,1%, во Србија за 4,2%, во Словенија за 2,1% и во Албанија за 1,6%, додека во Романија таа е непроменета. Инаку, просечната стапка на затворање во Европа бележи раст од 2,4%.

    Гледано, пак, номинално, со 142 затвореници на 100.000 жители Македонија е на 15-то место меѓу 48 затворски управи на земјите членки на Советот на Европа опфатени со анализата.

    Највисока стапка на затворање има Турција од 408 затвореници на 100.000 жители, пред Грузија со 256, Азербејџан со 244, Молдавија со 242, Унгарија со 211, Полска со 194, Словачка со 183, Албанија со 179, Чешка со 176, Литванија со 174, Летонија со 172, Црна Гора со 168, Србија со 162, Естонија со 151 и Македонија со 142 затвореници на 100.000 жители.

    Најниски стапки на затворање се регистрирани во Финска од 52 затвореници на 100.000 жители, Холандија од 52, Норвешка од 55, Германија од 67, Словенија од 68, Данска од 71, Швајцарија од 73, Ерменија од 79, Шведска од 80 и Ирска од 85 затвореници на 100.000 жители.

    Вкупниот број затвореници во земјите опфатени со Годишната казнена статистика на 31 јануари 2023 година изнесувал 1.034.876 лица. Најмногу затвореници или 348.265 имало во Турција, пред Велика Британија со 90.964, Франција со 72.294, Полска со 71.228, Германија со 56.294, Италија со 56.127, Шпанија со 55.909 и Украина со 42.708 затворени лица.

    Просечната возраст на македонските затвореници е 35 години, што е под просекот утврден во 40-те затворски управи опфатени со анализата, кој изнесува 38 години.

    Најмлади затвореници во просек има Бугарија со просечна возраст од 33 година, пред Шведска со 34 и Данска, Молдавија и Франција, каде просечната старост на затворската популација, како и во земјава изнесува 35 години.

    Највозрасни затвореници со просечна старост од 50 години има Србија, пред Грузија со 44, Италија со 43, Португалија и Шпанија со по 41 и Естонија, Албанија, Чешка и Норвешка со затвореници со 40-годишна просечна возраст.

    На 31 јануари 2023 година само 5 од 100 затвореници во Европа биле жени. Најголем процент на затворенички е регистриран на Кипар од 9,2%, пред Чешка од 8,5%, Летонија и Финска од 7,7%, Унгарија од 7,4% и Шпанија (без Каталонија), Словачка и Португалија со 7,2% жени затвореници. Најмалку затворенички имало во Албанија од 1,3%, пред Хрватска со 1,9%, Ерменија со 2,6%, Азербејџан со 2,9%, Франција со 3,2% и Грузија со 3,4%.

    Речиси една третина од лицата што се наоѓале во европските затвори на 31 јануари минатата година биле во притвор. Во Македонија на овој датум 12,3% од лицата сместени во КПУ биле во притвор, со што земјава се наоѓа на 5 место според најмала стапка на притвореници. Помалку лица во притвор имале само Чешка со 7,5%, Полска со 11,4%, Литванија со 11,2% и Романија со 12,1% од вкупниот број лица лишени од слобода. Најголема стапка на притвореници имало во Албанија од 55%, пред Ерменија со 53%, Луксембург со 49%, Швајцарија со 46%, Холандија со 45% и Црна Гора со 42%.

    Во 2022 година просечната должина на казната на затворениците во европските затвори изнесувала 10,1 месец, што е над трипати повеќе од просечната должина на затворските казни во Македонија, која изнесува три месеци и ја рангира земјата на второто место меѓу државите со најкуси казни, веднаш зад Швајцарија каде тие изнесувале 2,1 месеци. Зад Македонија со просечна должина на затворските казни од 3,7 месеци е Луксембург, пред Холандија со 4,2 и Германија со 4,4 месеци.

    Најголема просечна затворска казна во траење од 30,2 месеци имало во Португалија, пред Азербејџан од 27,2, Украина од 26,1, Молдавија од 25,3, Романија од 24, Чешка од 22, Литванија од 20,5, Шпанија (без Каталонија) од 19,7, Естонија од 19,2, Грција од 18,4 и Ерменија 18 месеци.

    Главна причина за отслужување затворски казни во 45 затворски управи на членките на Советот на Европа биле кривични дела поврзани со наркотици. Така, на 31 јануари 2023 година за дела поврзани со наркотици биле осудени 18,5% од затворениците, по што следуваат пресуди за убиство или обид за убиство со 12,8%, за кражба со 11,5%, за грабеж со 7,7%, за физички напад со 6,7%, за сексуални престапи без силување со 4,6%, за силување 4,3% и за економски или финансиски криминал или сообраќајни прекршоци по 3%.

    Највисока стапка на затвореници осудени за кривични дела поврзани со дрога од 42% има Летонија, пред Азербејџан со 42%, Турција со 34%, Италија со 31%, Белгија и Србија со по 29%, Данска со 27% и Шведска и Малта со по 25%.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img