Бројот на загинати во големо невреме кое веќе неколку дена трае во Авганистан и во Пакистан се искачи на најмалку 137, а во некои области се очекуваат пообилни врнежи, објави Си-Би-Ес њуз.
Најмалку 67 лица загинаа во Пакистан поради невообичаено обилен дожд за овој период од годината. Во јужниот град Карачи е прогласена вонредна состојба. Градот е особено ранлив на бури поради лошата инфраструктура.
Во Авганистан загинаа околу 70 луѓе, а 56 се повредени во обилните дождови и поплавите низ целата земја. Оштетени се 2.627 куќи.
Обилните врнежи од снег и од дожд, во последните месеци во Авганистан, предизвикаа многу жртви и повредени по невообичаено благата зима.
Екстремните временски настани како поплави и суши се зголемуваат во Авганистан и во Пакистан поради климатските промени, предупредуваат метеоролозите. Погоден од деценискиот конфликт, Авганистан има ограничени опции за ублажување на ефектите од климатските промени.