Потрагата по преживеани продолжува по разорниот земјотрес во вторникот во Турција. Спасувачите во тешки зимски услови извлекуваат преживеани од урнати згради, а бројот на жртвите веќе надмина 9.500, од кои 6.957 се во Турција, а 2.547 во Сирија.Претседателот Реџеп Таип Ердоган прогласи вонредна состојба во десет провинции.
Понеделничкиот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала покажува зголемени размери.
Според последните податоци на властите во двете земји, вкупниот биланс на загинати се искачи на 9.504. Трет ден спасувачите продолжуваат да бараат преживеани под урнатините на илјадници згради, борејќи се со големиот студ. Еден официјален претставник на ОН рече дека илјадници деца исто така би можеле да умрат, пренесува Ројтерс.
Земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала го погоди во понеделникот подрачјето на југоисточна Турција и северна Сирија. Неколку часа подоцна се случи уште еден земјотрес со јачина од 7,5 степени. Земјотресите и бројните последователни потреси во пограничниот регион кој е веќе погоден од конфликти оставија луѓето да ги палат остатоците и урнатините од урнати згради на улиците за да се загреат.
Во меѓувреме, меѓународната помош почна да пристигнува во областа, а спасувачките тимови од целиот свет доаѓаат во Турција.
Прочитајте повеќе: Експерт објаснува зошто земјотресот во Турција бил толку смртоносен
Спасувачите имаа тешкотии да стигнат до некои од најпогодените области, бидејќи уништените патишта, лошите временски услови и недостатокот на опрема го оневозможија пристапот.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган воведе тримесечна вонредна состојба во 10 турски провинции, што ќе и овозможи на владата да го заобиколи парламентот за да донесе нови закони и да ги ограничи или суспендира правата и слободите.
Владата ќе отвори хотели во туристичкиот центар на Анталија за привремено сместување на луѓето погодени од земјотресите, рече Ердоган, кому му претстојат избори за три месеци.
Турските власти соопштија дека околу 13,5 милиони луѓе биле погодени од земјотресот во област која се протега на околу 450 километри од Адана на запад до Дијарбекир на исток и 300 километри од Малатија на север до Хатај на југ.
Сириските власти известуваат за смртни случаи дури до Хама, на околу 250 километри од епицентарот.
„Сега е трка со времето“, рече генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус во Женева. „Секоја минута, секој час што минува, се намалуваат шансите да се најдат преживеани“, додаде тој.
Во целиот регион спасувачите работат дење и ноќе, а преживеаните чекаат охрабрувачки вести за нивните исчезнати роднини.
СЗО претходно процени дека вкупно 23 милиони луѓе би можеле да бидат погодени од земјотресот, вклучително и околу пет милиони членови на ранливи групи, главно сириски бегалци. Посебно е итна ситуацијата на северот на Сирија, кој е уништен по една деценија војна.