Во периодот од јануари до септември приходите на Грција од туризмот се зголемиле за 15,2% во споредба со лани и достигнуваат речиси 18 милијарди евра, според податоците од Банката на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Паралелно, во истиот период, за 17,3% се зголемил и бројот на туристи кои ја посетиле Грција, односно регистрирани биле 27,79 милиони патници, наспроти 23,68 милиони лани.
Поконкретно, преку аеродромите пристигнале за 11,7% повеќе туристи, а преку копнените гранични премини имало за 36,7% повеќе патници.
Од Банката на Грција посочуваат дека зголемувањето на приходите од туризмот се должи на зголемувањето на бројот на туристи, бидејќи просечната потрошувачка по патување е намалена за 2,5 %.