Премиерката Ана Брнабиќ на граѓаните на Србија, на Република Српска (РС) и на „сите Срби во целиот свет“ им го честита новововедениот празник Денот на српското единство, слобода и државното знаме.
Таа во честитката истакна дека овој празник „е симбол на нашиот стремеж за хармонија и заедништво на сите што живеат во нашата земја, но и на оние кои ја имаат Србија во срцето и душата, а се со километри подалеку“.
„Горди сме на нашите предци и историја, горди на нашето знаме кое за нас не е само парче обоена ткаенина, туку тробојна нишка што ги врзува нашите сограѓани од минатото, сегашноста и иднината во една нераскинлива заедница. Под него се воспоставија суверена Србија и најсветите слободи на нејзините граѓани“, изјавила премиерката, а пренесуваат од нејзиниот кабинет.
Денот на српското единство, слобода и национално знаме, кој беше востановен пред две години, денеска се одбележува во Србија и Република Српска.
Владите на Србија и на РС одлучија тој празник да се одбележи на 15 септември, денот на кој во 1918 година беше пробиен Солунскиот фронт во Првата светска војна.
Централната манифестација ќе се одржи во Бјелина, а заедно со највисоките функционери на РС, на прославата ќе присуствува и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.