Британско-австралискиот глумец Гај Пирс во новото интервју за „Венити фејр“ (Vanity Fair) открива дека добил своевидна „забрана“ да глуми во филмовите за Кристофер Нолан по хитот „Мементо“ (Memento) од пред 25 години, бидејќи на „еден директор“ на студиото „Ворнер брос“ едноставно не му се допаднала неговата глума.
Соработката на британскиот режисер со холивудското студио почна веднаш по тој филм, со психолошкиот трилер „Несоница“ (Insomnia) од 2002 година. Следеше трилогијата „Бетмен: Темниот витез“, „Почеток“ (Inception), „Тенет“ итн.
– Тој (Нолан, з.п.) ми зборуваше за улоги неколкупати во тие години, по успехот на „Мементо“… За првиот „Бетмен“ и „Престиж“. Но, имаше еден директор во „Ворнер брос“, кој сосем отворено му рече на мојот агент: „Не го разбирам Гај Пирс. Никогаш нема да го разберам Гај Пирс. Никогаш нема да го вработам Гај Пирс“. Така, на некој начин, тоа е добро да се знае. Мислам, доволно е фер – и јас не ги разбирам некои глумци. Но, тоа значеше дека никогаш не би можел да работам со Крис – објасни Пирс.
На глумецот, имено, во првите замисли на Нолан, требало да му припадне улогата негативецот во „Бетмен“. Инаку, таа потоа му е доделена на Лијам Нисон. Но, Гај сепак го видел „Бетмобилот“.
Во новиот, сѐ уште ненасловен филм на Нолан, најавен за 2026 година, ќе глумат Мет Дејмон, Том Холанд, Зендеја, Шарлиз Терон, Ен Хатавеј и други познати холивудски глумци.
Во меѓувреме, за Пирс се очекува да добие номинација за „Оскар“ – за неговата впечатлива споредна улога во „Бруталист“ (The Brutalist) на режисерот-сценарист Брејди Корбет. Филмот трае повеќе од 3,5 часа, но глумецот не би го нарекол „епски филм“.
– Знаевме дека правиме нешто паметно и, добро – не сакам да кажам „важно“, но има тежина. Никогаш не се чувствувавме избрзани, иако можеби Брејди можеби нема да се согласи. Брејди има „опуштен“ квалитет и нè натера да се чувствуваме сигурни. Имавме време колку што сакаме, да правиме и дополнителни работи. Мислам дека тоа што и самиот е глумец е од помош – знае што им треба или што сакаат глумците – додаде Пирс.
Тој натаму ја пофали сериозноста на глумецот Адриен Броди и соработливоста на младиот Џозеф Алвин (колеги на Пирс од филмот). Просечната оценка на ИМДБ засега е 8,1 /10, од вкупно 1.500 гледачи кои го оцениле филмот. На „Ротен томатос“, го препорачуваат 98 отсто од оценувачите.