Ѓорѓе Мијатовиќ, помладиот брат на министерот во Владата на Босна и Херцеговина, Војин Мијановиќ, кој почина синоќа откако беше примен во белградскиот Ургентен центар, најверојатно починал под несреќни околности, според објава на Мондо кој се повикува на извор близок до истрагата.
– На игралиштето пред зградата, каде што живеел, наводно дошло до конфликт поради топка. Починатиот Ѓорѓе Мијатовиќ дошол дома и ѝ рекол на сопругата дека замавнал кон маж, изгубил рамнотежа, паднал и се удрил со глава на бетон – открива изворот близок до истрагата.
Тој наводно имал епилептичен напад откако стигнал дома, по што бил префрлен на клиниката каде што починал.
– Се утврдува причината за смртта на човекот кој вчера влезе во конфликт со двајца млади момчиња во паркот во Вождовац – изјави денеска министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, а објави Мондо.
Вишото јавно обвинителство во Белград соопшти дека ѝ дало наредба на полицијата да ги идентификува учесниците на настанот и да ги собере сите потребни податоци и информации во врска со настанот од 26 мај 2024 година во населбата Вождовац, по што 37-годишниот Ѓорѓе починал во Ургентниот центар во Белград.
„Обвинителството нареди обдукција на Ѓ. М. за да се утврди точната причина за смртта. Обвинителството во соработка со полицијата ќе ги расветли сите околности на овој настан, по што јавноста ќе биде известена за понатамошното постапување“, се вели во соопштението на обвинителството.
Осмото одделение на Управата за криминалистичка полиција во Белград го известило дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград дека на улицата Драгиче Кончар во Вождовац дошло до физички конфликт меѓу непознати лица и Ѓ. M., во кој Ѓ. М. се здобил со повреди на главата, по што бил пренесен во Ургентен центар каде што набргу починал.
Војин Мијановиќ се опростил со брата си преку објава на Фејсбук:
„Патувај, брату мој, на поубаво место. Мојот помлад брат беше убиен вчера во Белград. Сѐ што би рекол сега нема смисла бидејќи тоа што се случи сигурно нема смисла. И ова за жал е составен дел од играта наречена ‘живот’. Мои добри луѓе, ви благодарам на сите што се јавувате, грижете се за себе и за луѓето околу вас“.