Обвинителството на Херцеговско-неретванскиот кантон (ХНК) отвори случај за каменоломот во Доња Јабланица, откако премиерот на Федерацијата на Босна и Херцеговина Нермин Никшиќ на прес-конференција рече дека штетата немаше да биде толку голема и ќе немаше толку многу жртви да не се урнеше каменоломот, кој се наоѓа на падината над ова село.
Премиерот Никшиќ тврди дека компанијата ги немала сите валидни дозволи за стопанисување со каменоломот.
„Министерката нè извести, а доби и информација од кантоналното министерство, дека оваа компанија е формирана во 2001 година, но дека никогаш не била издадена документација за концесија и одобрение за експлоатација“, рече Никшиќ.
Кантоналното обвинителство наведува дека е формиран предмет и е назначен тим од обвинители кои ќе работат на овој случај.
Припадниците на МВР на ХНК, под надзор на обвинителот, ги проверуваат наводите и информациите со цел да се утврдат сите околности под кои се случила оваа трагедија, информираат од кантоналното обвинителство.
Утре е ден на жалост поради големите поплави во Босна само во Република Српска, а не и на територијата на целата федерација, затоа што денеска Советот на министри на Босна и Херцеговина на вонредна телефонска седница немаше кворум за работа и за одлука 8 октомври 2024 година да се прогласи за ден на жалост во целата земја.
За донесување на одлуката имаше седум гласа, додека тројца членови на Советот на министри на БиХ не гласаа.
Владата на Република Српска (РС) го прогласи вторник, 8 октомври, за Ден на жалост во овој ентитет на БиХ, поради страдањата на населението на територијата на Федерацијата Босна и Херцеговина (БиХ) предизвикани од катастрофалните поплави и свлечиштата. Утре на институциите на РС ќе бидат истакнати знамиња на половина копје и ќе бидат откажани културните манифестации и спортските настани.
Досега во поплавите на подрачјето на општините Јабланица, Коњица, Фојница, Кисељак и Крешево животот го загубија 20 лица, а потрагата по исчезнатите сè уште трае.
Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина донесе одлука да се одложат локалните избори во овие општини, кои вчера се одржаа во остатокот од земјата.