Бизнисот бара да се повлече данокот на фирмите со мали приходи

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Речиси 50.000 мали и микрофирми ќе плаќаат данок на годишните приходи, ако биде усвоен предлогот на владата да се повлече ослободувањето за плаќање данок на фирмите со годишен приход до 3 милиони денари. Ова значи дека и занаетчиите кои прават минимален годишен приход ќе плаќаат даноци. Измените на Законот за данок на добивка веќе се доставени на расправа во Собранието. Бизнисмените велат дека со ова ќе се затворат голем број мали компании кои едвај издржуваат во кризата и нелојалната конкуренција од сивата економија или дел од нив ќе преминат во сивата зона.

Досега фирмите кои остваруваа годишен промет до 3 милиони евра (50.000 евра) со членот 32 од Законот за данок на добивка беа ослободени од даноци. Според предложените измени на законот овој член се брише.

Ќе се зголеми сивата економија 

Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата вели дека со овие измени владата наместо да ја намали ќе ја зголеми сивата економија.

– За жал оваа измена нема да биде популарна. Таа поттикнува нелојално однесување на бизнисот кон државата бидејќи тие не гледаат никаква помош ниту корист од државата. Може да се очекува овие мали бизниси да се обидуваат да најдат начин да одбегнат да плаќаат данок, бидејќи нивните приходи главно се мали и за да опстанат сега ќе изнаоѓаат начини како да ја одбегнат и оваа давачка – вели Бошков.

И бизнис заедниците сметаат дека во криза, со каква што сега се соочува економијата, не треба да се укинува ова ослободување за малите фирми.

Сојузот на стопански комори вчера побара владата да не го укинува ова даночно ослободување бидејќи се доведува во прашање опстанокот на микро и малите деловни субјекти.

– Предложените измени и дополнувања на Законот за данок на добивка, наместо да создадат услови за правично оданочување, им нанесуваат сериозен удар на малите и на микро-фирмите, го загрозуваат нивниот опстанок, а ја поттикнуват даночната евазија. Концептот на правично оданочување значи дека во даночниот систем треба да бидат опфатени нерегистрираните субјекти, кои сега работат во сивата зона и не плаќаат никакви давачки, со што ќе престанат да бидат нелојална конкуренција на микро и малите деловни субјекти, кои пак се значајна алка во економскиот еко-систем – посочуваат од ССК.

Ќе се затворат уште повеќе фирми

Економисти, пак, велат дека државата треба да пресмета дали приходите во буџетот од оданочувањето на овие фирми ќе има подобар ефект врз економијата. Според нив загрижува фактот што многу фирми затворија поради високата цена на струјата, а оваа мерка може да придонесе нивниот број да биде уште поголем.

– Од почетокот на годината, поради кризата со високата цена на струјата, пропаднале 6.400 компании. Најголем дел биле од трговијата и од преработувачката индустрија. Со оваа мерка тука ќе влезат и голем број занаетчии и мали фирми од други дејности чии добивки можат да бидат и помали од 10.000 денари, што не би требало да биде цел на оваа владина мерка за зголемување на приходите во државната каса – вели еден економски експерт.

- Advertisement -
Ad image

Министерството за финансии, кое е предлагач на измените, оваа измена ја оправда со „проширување на базата на оданочување, како и отстранување на стимулациите за формирање на голем број субјекти на непазарна основа и воспоставување на неутрален даночен систем, кој нема да влијае врз одлуките на стопанските субјекти во поглед на формата на инкорпорирање“.

Пресметките на Министерството за финансии се дека со „спроведувањето на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка ќе има позитивни фискални ефекти врз Буџетот во износ од околу 872 милиони денари (14,2 милиони евра)“.

Владите и во минатото се обидувале да ги оданочат правните субјекти кои остваруваат годишен приход помал од 50.000 евра, но најчесто подоцна се откажувале.

- Advertisement -
Ad image

 

ВМРО-ДПМНЕ: Неоправдано и дволично зафаќање

Маја Кадиевска-Војновиќ член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вели дека во услови на економска и енергетска криза којашто ќе потрае, зафаќањето на дел од нискиот приход на микро фирмите, човек- фирмите и малите семејни бизниси, е економски неоправдано.

– Неоправдано и дволично е да се започне со проширување на базата за одданочување токму од микро и малите бизниси, и преку нивното одданочување да се реши проблемот на формирање на голем број субјекти на непазарна основа. Постојат фирми кои не го злоупотребуваат ова даночно ослободување, а тие што го злоупотребуваат треба да се идентификуваат и казнат. Воедно, во услови кога во државата имате бизниси кои работат во сива зона, кои не плаќаат даноци и се нелојална конкуренција на официјалните бизниси, кога имаме висок степен на сива економија која според најновите мерења се движи околу 2,5 милијарди евра, ова не е правичност и ефикасност во одданочување. Напротив, може само да ја поттикне сивата економија. Затоа, ние како политичка партија ќе дадеме амандман на оваа измена и ги поддржуваме малите и микро бизниси, и се надеваме дека ова даночно ослободување во иднина ќе го користат и младите за отворање сопствени бизниси – вели Кадиевска-Војновиќ.

Share This Article