Народната банка е активно вклучена во активностите на работните групи за подготовка на преговарачките позиции за преговори за пристапување на нашата земја во Европската Унија. Во рамки на Кластер 1 – Фундаментални вредности, претставници од Дирекцијата за трезорско работење при Народната банка со свои презентации учествуваа на билатералниот скрининг за поглавје 24 – Правда, слобода и безбедност и поглавје 32 – Финансиска контрола, подрачје „Заштита на еврото од фалсификување“, додека претставници од Дирекцијата за статистика учествуваа на билатералниот скрининг со презентации за поглавјето 18 – Статистика.
Правната регулатива и правните акти кои се однесуваат на системот за борба против фалсификувањето на пари се во голем дел усогласени со европското законодавство кое ја регулира оваа област, а институционалната поставеност е во согласност со Меѓународната конвенција за сузбивање на фалсификувањето на валути. Како приоритети за во иднина предвидени се континуирана надградба на техничките капацитети на сите институции кои имаат надлежности во оваа сфера, остварување на соработка со сите национални и меѓународни институции кои се вклучени во системот за сузбивање на фалсификувањето, како и организирање на кампањи за подигнување на јавната свест кај граѓаните и потенцирање на важноста од проверка на автентичноста на банкнотите и монетите.
На билатералниот состанок носителите на статистички истражувања се констатираше дека статистиката која е во надлежност на Народната банка во голем дел е високо или средно усогласена со ЕУ барањата. Народната банка континуирано работи на збогатување на опфатот и деталноста на статистичките податоци кои ги изработува и објавува согласно меѓународно пропишани стандарди, при тоа земајќи ги предвид сите ЕУ барања за навременост, опфат и начин на доставување на податоците до Евростат. Во овој контекст беа презентирани тековните и идни проекти на Народната банка со кои се планира реализација на барањата на ЕУ и целосно усогласување со регулативите.
Усогласувајќи се со европските стандарди, Народната банка покажува и подготвеност за натамошно унапредување на своето работење и навремена подготовка за пристапување кон Европскиот систем на централни банки, што е и една од нејзините стратегиски цели.