Модната куќа „Баленсијага“ на чело со креативниот директор Демна Гвасалија се познати по своите повеќе од необични, а луксузни модни парчиња. „Баленсијага“ сега претстави здолништа инспирирани од крпа во новата колекција за пролет 2024 година.
Како што пренесуваат медиумите, цената на ова необично парче облека е 925 долари (околу 853 евра), а модниот бренд објави дека здолништето веќе може да се нарача преку нивната веб-страница.
На промотивните фотографии може да се види модел кој носи крпа обвиткана околу половината, со широки панталони одоздола.
Интересно е тоа што „Баленсијага“ секој пат изненадува со своите колекции, каде често можеме да видиме многу скапа облека која изгледа развлечено или валкано. Претходно продаваше чанта во облик на ќесе за отпадок.
Откако вчера беше претставен новиот модел на здолниште во претпродажба, коментарите продолжуваат да ги преплавуваат социјалните мрежи. Дури и некои компании кои продаваат крпи решиле да се пошегуваат дека продаваат здолништа од популарниот бренд, но по пониски цени.
„Ова е апсурдно. Овие брендови ќе продаваат сè и сешто по толку смешно високи цени“, „„Баленсијага“ е толку несериозен бренд“, „Повторно ќе кажам дека „Баленсијага“ спроведува експеримент. Тоа е научна студија за однесувањето. Не можете да ме убедите поинаку“, „Каква лудост е ова“, се дел од коментарите.