„Лукас само беше земен со санитетско возило од дискотеката „Хангар“, а во возилото му беше направено ЕКГ, му беше измерен притисок, па истиот пациент се произнесе дека му е подобро. Кога амбулантното возило пристигна пред управата на Брза помош, пациентот Аца Лукас сам го напушти амбулантното возило и си замина веднаш со возило кое го чекаше пред Брзата помош во Охрид и воопшто не се задржа во истите простории.“
Хаос, ненадлежност, селективност во постапувањето, незаинтересираност, и сл., се само дел од она што моментално владее во надлежните инспекторати кои се задолжени за контрола на работењето на угостителските објекти. Зошто е тоа така, кој сѐ е во соработка со непринципиелните угостители, што се случува во рамките на турбофолк манијата во Охрид и Македонија, Редакцијата на Охридскај се обиде да добие одговор од надлежните инспекторати во Охрид .
Пазарен инспекторат – работат како кафе-барови, а во јавноста се претставуваат како ноќни клубови за кои надлежна е полицијата!!!
Во врска со последните пред и по новогодишни настани во Охрид, каде на површина испливаа низа нерегуларности во ноќните клубови, каде настапуваат естрадни уметници од Р. Србија, а во врска со последниот настан поврзан со (не)настапот на Аца Лукас во ноќниот клуб „Хангар“ во Охрид, побаравме одговор од Пазарниот инспекторат, Управата за јавни приходи и СВР Охрид. На прашањето: „Која е нивната улога во контролата на работењето на ноќните клубови?“, добивме запрепастувачки и нелогични одговори кои следат во продолжение.
Пазарен инспекторат: „Ја читавме Вашата објава, но на Вашето прашање одговорот е дека конкретно Пазарниот инспекторат во објектот „Хангар“ во Охрид, има извршено неколку контроли и изречени се неколку мандатни парични казни, но и неколку мерки за затворање на објектот во траење од 30 дена. Она што Вие не сте го објавиле и тоа што при проверката на документацијата на објектот констатирано е дека објектот е регистриран како кафе-бар, а не како ноќен клуб и неговото законско работно време е до 1 часот. При извршените проверки констатирано е пречекорување на работното време и за тоа издадени се наплатни налози и изречена мерка за забрана на работење од 30 дена. Фирмата која стопанисува со објектот ги платила казните, но и ја испочитувала мерката за забрана на вршење на дејност во траење од 30 дена. Но, тоа е така затоа што сопствениците самиот објект го отвораат само за настани кога организираат забави со пејачи и поради тоа не им е проблем да го затворат објектот 30 дена и да платат мандатна казна од 200 или 300 евра, па тука на вработените во Пазарниот инспекторат им се врзани рацете.
Законот порано предвидуваше ние да ги даваме дозволите за работа, но со измените за основање фирма, фирмата автоматски ги добива сите права за работа со денот на нивното внесување во ЦРМ, а нивна должност е да испратат само едно писмо до надлежните инспекторати со кои управителот на фирмата нѐ известува дека ги исполнуваат сите услови пропишани со закон, нешто за што е дискутабилно, т.е. се прави злоупотреба на законот.
Што се однесува до фискализацијата, ние како Пазарен инспекторат немаме надлежност во однос на тоа дали тие издаваат фискални сметки, а за тоа ќе се обратите во Управата за јавни приходи. Што се однесува до организација на вакви големи настани, тука надлежност има полицијата. Според законот, организаторите ги пријавуваат големите манифестации во надлежната полициска единица.“, истакнаа од Пазарниот инспекторат за Охридскај.
Управа за јавни приходи – „Без налог од Централата во Скопје не можеме да контролираме никого?!“
Координаторот на УЈП во Охрид е дециден: „Како координатор на УЈП немам надлежност за контроли на правни субјекти затоа што тоа е надлежност на инспекторите на УЈП кои не се под моја дирекција туку се под Регионална дирекција од Битола и Централата во Скопје, па за одговор обратете се кај инспекторите!“
Инспекторите на УЈП во Охрид се уште подецидни: „Знаеме сѐ што се случува, но ние не можеме да излеземе на терен сѐ додека не добиеме писмен налог од Централна дирекција од Скопје. Ние постапуваме само доколку добиеме налог од Централата и не можеме да извршуваме контрола дури и во случај да се затекнеме во тој објект без добиен налог. За жал, таква е процедурата, а за повеќе информации обратете се во Централата затоа што каде ќе нѐ пратат тие, ние таму одиме…“, истакнаа инспекторите од УЈП Охрид.
СВР Охрид – „Преземаме дејствија, но сепак надлежни се инспекторатите!“
„Вршиме секојдневни проверки согласно нашите законски обврски, но во конкретниот случај надлежни се инспекторатите, а не ние. Ние само вршиме асистенција на нивното барање. Како полиција, нас не може да нѐ интересира дали тие издаваат фискални сметки, кои дозволи за работа ги имаат објектите, и сл., туку ние само сме задолжени за безбедноста на јавниот ред и мир. Доколку има инфилтрирани полициски службеници во работењето на клубовите, надлежна за тоа е Внатрешната контрола на МВР и никој нема да биде поштеден. Во врска со настани на нарушен јавен ред и мир, во кој наводно учествувале припадници на полицијата, веќе е спроведена постапка на Внатрешната контрола, а јавноста ќе биде известена од конкретните резултати на Внатрешната контрола. Полицијата ќе постапува еднакво кон сите граѓани, независно дали тоа се полицајци, обични граѓани, војници, и сл., затоа што сите се еднакви пред законот, но доколку има прекршување на Законот за полиција, на таквите полицајци не им е место во полициските структури!“, истакнаа од СВР Охрид.
На крај, сето тоа резултира со фактот дека никој не е надлежен, а во позадина се калапат милиони…