Ангеловска-Бежоска на настан организиран заедно со ОЕЦД/ИНФЕ: Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска вклученост е сеопфатен напор за подигнување на финансиската писменост 

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Финансиската едукација и финансиската вклученост се суштински за економскиот раст и општествениот развој, но и за граѓаните, бидејќи само финансиски едуцирано лице може да носи исправни одлуки за штедењето, кредитирањето и инвестирањето. Финансиската едукација е значајна и за целиот финансиски систем, бидејќи го намалува ризикот од презадолженост и со тоа придонесува за целокупната финансиска стабилност. Спроведувањето на Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска вклученост во нашата земја, којашто е за првпат донесена од страна на финансиските регулатори предводени од Народната банка, е сеопфатен напор насочен кон справување со различни предизвици за финансиската писменост во земјата. Воспоставена е силна рамка за соработка, којашто обединува учесници од различни сектори, вклучувајќи ги и регулаторните и образовните институции, граѓанските организации и приватниот сектор. Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на настанот за размена на искуства со неколку земји во доменот на финансиската едукација, организиран во рамките на регионалниот Проект за поддршка на финансиската едукација, спроведен од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) со поддршка на Министерството за финансии на Холандија и платформата „Манивајс“.

Раководителот на ОЕЦД за заштита на корисниците на финансиски услуги, финансиска едукација и вклученост, Мајлс Ларби, во своето видеообраќање на настанот им честиташе на Народната банка и на Координативното тело за финансиска писменост и финансиска вклученост за достигнувањата во финансиската едукација во изминатите години. Господинот Ларби наведе дека спроведувањето на Националната стратегија во Северна Македонија е во согласност со препораката на ОЕЦД за финансиска писменост и добрите меѓународни практики на ОЕЦД/ИНФЕ. Тој посочи дека „подобрувањето на финансиската писменост им помага на луѓето да носат посигурни финансиски одлуки засновани на информации, што на крајот придонесува кон нивната финансиска благосостојба“. „ОЕЦД преку регионалниот проект за финансиска едукација поддржан од Министерството за финансии на Холандија, изразува задоволство што може да го поддржи развојот на финансиската едукација во Северна Македонија и во другите земји низ годините“, рече Ларби.

Осврнувајќи се на финансиската писменост, гувернерката Ангеловска-Бежоска во своето обраќање ги посочи податоците од Меѓународната анкета за финансиската писменост на возрасното население на ОЕЦД/ИНФЕ од 2023 година[i], според кои нивоата на финансиската писменост ширум Европа и натаму се алармантно ниски, со само 52% од возрасното население во Европа со основни финансиски знаења, додека кај нас тој процент е уште понизок со 42%. Ова покажува дека иако се преземени повеќе активности за унапредување на финансиската писменост, сѐ уште има предизвици во светски рамки. 

Во однос на финансиската вклученост, гувернерката се осврна на родовите јазови во финансиската писменост и вклученост, како едно од најважните прашања коешто е значајно не само од аспект на родовата еднаквост, туку и од аспект на економскиот развој. Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека кај нас се забележува значителен родов јаз во поседувањето сметка, така што 80% од жените и 91% од мажите во земјава имаат сметка во банка. „За да го премостиме овој јаз, мораме да спроведеме мерки насочени кон финансиската еманципација на жените, како достапноста на образовните ресурси приспособени кон потребите и околностите на жените, при што ќе се земат предвид факторите како што се семејните околности или работниот статус“, посочи гувернерката. Според неа, значителен јаз има и кај финансиската вклученост на младите лица во регионот во споредба со ЕУ. Кај нас, иако изминатата декада бројот на младите лица кои поседуваат сметка порасна (74%), сепак се забележува значителен јаз во однос на еврозоната (95%).

Ублажувањето на овие јазови е од особена важност, особено во нашиот регион, којшто заостанува и во делот на финансиската конвергенција и пристапот до финансирање. Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи на високиот јаз којшто постои во делот на финансиското посредување помеѓу регионот и ЕУ, со учество на заемите во БДП од 45% и 80%, соодветно, како и на други показатели коишто ја потврдуваат оваа констатација.

Во пресрет на последната година од периодот што го покрива Националната стратегија за финансиска писменост, секогаш е неопходна процена на ефективноста на сегашните програми преку анализа и повратни информации од засегнатите страни, мерење на знаењето и евалуација на промените во однесувањето коишто произлегуваат од образовните иницијативи. Размената на искуствата со колегите од Грузија, Ерменија Италија, Полска и Хрватска се значајни и за утврдувањето на насоките за новата среднорочна стратегија.

Share This Article