Високи претставници на Републиканската и на Демократската партија во американскиот Конгрес денеска соопштија дека постигнале договор за финансирањето на федералната влада до крајот на фискалната година наесен.
Според агенциите, тие сега ќе треба да го донесат соодветниот закон пред истекувањето на крајниот рок на крајот на оваа недела за да не следи прекин на работата на федералните агенции.
Последната спорна точка е финансирањето на Министерството за внатрешна безбедност, додека приливот на мигранти на границата меѓу САД и Мексико стана клучна точка на расправа пред претстојните претседателски избори во САД меѓу актуелниот демократски претседател Џо Бајден и неговиот републикански претходник Доналд Трамп.
Средствата според договорот се очекува да покриваат околу три четвртини од владините трошоци, кои треба да достигнат околу 1,66 трилиони долари за фискалната година која завршува на 30 септември. Договорот опфаќа финансирање, вклучително и на американската армија, транспортот, станбената политика и безбедноста на храната.
фото: МИА