Во Кина 78-годишен американски државјанин е осуден на доживотен затвор под обвинение за шпионажа.
Џон Шинг-Ван Леунг, жител на Хонг Конг, беше приведен на 15 април 2021 година од страна на контраразузнавачката агенција во југоисточниот град Сужоу.
Судот во Сужоу ја објави пресудата против Леунг во кратко соопштение на својата веб-страница. „Џон Шинг-Ван Леунг, познат и како Лианг Ченгџун, беше прогласен за виновен за шпионажа и осуден на доживотен затвор и доживотно лишување од политичките права“, соопшти локалниот суд во Сужоу, источна Кина.
Толку тешка казна за странски државјанин и со такви обвинувања е релативно ретка во Кина и ризикува дополнително да ги влоши кинеско-американските односи, кои и онака се на ниско ниво, пренесува агенцијата Франс прес.
Одземен е и неговиот личен имот, вреден 500.000 јуани (66.000 евра). Првостепениот судски процес денеска заврши зад затворени врати, што е вообичаено за вакви судски случаи.
Во соопштението не е прецизирана професијата или дејноста на овој американски државјанин во Кина.
Оваа недела американскиот претседател Џо Бајден треба да учествува на самитот на Г7 во Јапонија. Средбата ќе се одржи во Хирошима од 19 до 21 мај.
Кинеско-американските односи се заладија во последниве години поради несогласувањата за голем број прашања: трговскиот дисбаланс, Тајван, Хонг Конг, третманот на Пекинг кон своето ујгурско малцинство и ривалството во високотехнолошкиот сектор.