Популарната хрватска пејачка Алка Вуица е кандидатка за пратеничка на листата на СДП за претстојните избори во Хрватска.
Алка Вуица се приклучи на СДП во 2022 година и реши да се посвети на политиката. Интересно е што ова не е прв пат пејачката да се испроба во политиката.
Имено, Вуица во 2009 година одлучи да ја започне својата политичка кариера и реши да се кандидира на претседателските избори како кандидат на Партијата на зелените. Во таа прилика таа изјави дека нејзината популарност и дава „позиција од која сака и мора да зборува“.
– Неприфатливо е овие луѓе да живеат во сиромаштија, да копаат по контејнери. Во 1990-тите се боревме за илјадагодишниот сон. Остваривме независност, добивме држава, знаме, грб, но ја загубивме нашата земја. Нашиот сон се изгуби во моментот кога почна продажбата на земјиштето – изјави тогаш Вуица.
Нејзините соништа за политичка кариера не траеја долго бидејќи по два месеци објави дека ја повлекла кандидатурата поради недоволниот број на собрани потписи.
Но, се чини дека таа не се откажува од политиката и повторно ја активираше политичката кариера со влегувањето во СДП во 2022 година.
Пејачката сега е на 14. место на изборната листа во шестата изборна единица.
Алка Вуица во јавноста е позната по своите хитови како што е песната „Лажи ме“, а малку е познато дека нејзиното име како автор стои и зад неколку големи хитови на Јосипа Лисац, Жељко Бебек, Борис Новковиќ, Тони Цетински…Во медиумите Алка Вуица е често присутна и поради нејзиниот бурен љубовен живот.