Алијанса за Албанците смета дека одлуката на Движењето Беса и Алтернатива да не испраќаат претставници во работната група за уставни измени е скандалозна и, како што се вели во соопштението на АА, „ја претставува дволичноста на овие субјекти пред интеграциските процеси и иднината на граѓаните“.
„Нивните аргументи се неосновани и неодржливи. Ја потсетуваме јавноста дека работната група е формирана токму за да ги презентира предлозите на политичките партии и таму треба да се донесат одлуки. Условот да се постигне консензус пред да седнат да работат во работната група е само алиби, што оди токму на штета на самото барање за отстранување на 20% од Уставот и на штета на отворањето на преговорите со ЕУ. Движењето Беса и Алтернатива со последните дејствија само потврдуваат дека се под целосна контрола на ВМРО-ДПМНЕ и антиевропската агенда. Ги повикуваме сите политички субјекти да покажат политичка зрелост и да не прават партиска политика во овие важни моменти за иднината на државата“ – се вели во соопштението на Алијанса за Албанците.