Ќе прифатиме да се организира заедничка средба на сите парламентарни политички партии на која ќе го поддржиме предлогот за бришење на техничката влада и назначувањето 100 дена премиер Албанец, но само под услов на истата таа средба да се донесе одлука за изгласување на уставните измени.
Вака, дел од албанските политичари во земјава му одговорија на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој синоќа порача дека е подготвен да ја отстрани техничката влада и да го укине правилото за поставување 100 дена премиер Албанец.
И самите политичари Албанци со коишто разговараше Плусинфо признаваат дека техничката влада повеќе нема ефект и дека со нејзиното воведување на државата ѝ се нанесува повеќе штета отколку корист, но сепак, велат дека изгласувањето на уставните измени е единствениот услов за укинување на Пржинскиот договор.
Верувам дека повеќето политички партии би се согласиле да немаме техничка влада доколку се прифатат уставните измени.
Еден од тие политичари е лидерот на Движењето Попули, Скендер Реџепи-Зејд, кој вели дека сите парламентарни политички чинители треба наскоро да дискутираат за сите прашања – од Пржинскиот договор, па сѐ до уставните измени.
– Сигурен сум дека веќе е време да се избрише техничката влада, но политичките чинители треба да седнат и да дискутираат за сите прашања – од Пржинскиот договор, па сѐ до уставните измени. Потребно е да се донесе заедничка одлука, односно да се постигне консензус за сите прашања. Пржинскиот договор беше донесен со консензус, па затоа треба на ист начин да се избрише. Но, единствениот услов е бришењето на техничката влада да се одвива во пакет со уставните измени. Верувам дека повеќето политички партии би се согласиле да немаме техничка влада доколку се прифатат уставните измени. Значи, пожртвуваноста за државата треба да биде над интересите на секоја политичка партија. Уште еднаш нагласувам дека за бришење на техничката влада е потребен консензус помеѓу сите политички партии, но да биде дел од преговорите околу уставните измени. Јас само така би прифатил и само така би гласал „за“ бришење на Пржинскиот договор. Уставните промени се многу поважни и тие треба да се случат пред изборите отколку да се укине техничката влада, меѓутоа политичките чинители сами си ја проценуваат својата потреба од промовирање и изборни резултати, па затоа некои многу поважни прашања за државата остануваат за после изборите – ни изјави Реџепи.
Плусинфо за ова побара став и од коалицијата „Европски сојуз за промени“ која е сочинета од трите опозициски партии – Демократско движење, Беса и Алтернатива, но оттаму добивме одговор дека лидерите на партиите наскоро ќе се состанат и ќе разговараат за ова прашање.
Сличен одговор добивме и од партијата на Димитар Ковачевски. Оттаму ни кажаа дека изјавата на Мицкоски била кажана доцна синоќа, па партиското раководство немало време да разговара и да изгради став за ова прашање. Од СДСМ најавија дека раководството ќе одржи состанок во текот на денот, а јавноста ќе биде информирана за донесената одлука по пат на соопштение.
Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, пак, вели дека техничката влада секако треба да се укине, но по изборите.
Кога имаме техничка влада, целата држава станува нефункционална, се преклопуваат позиции, институциите се во расчекор, насекаде владее хаос.
– Нашата партија уште пред неколку години поднесе предлог за бришење на техничката влада, ама тогаш ниту една политичка партија не беше заинтересирана, па предлогот не помина. Затоа сметам дека сега, непосредно пред парламентарните избори, невкусно е да се зборува за истата работа. Освен што е невкусно, туку е и предоцна. Но, сметам дека по завршувањето на изборите сите политички чинители во земјава треба да седнат на маса и сериозно да разговараат за укинување на техничката влада која ни нанесува повеќе штета отколку корист. Кога имаме техничка влада, целата држава станува нефункционална, се преклопуваат позиции, институциите се во расчекор, насекаде владее хаос. Затоа за доброто на државата, треба сите да седнеме и да се ослободиме од техничката влада која не му дава на системот да дише – објаснува Зајкова.
И претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, забележува дека дури и албанските политичари се веќе свесни дека техничката влада е нефункционална.
– Треба да се интервенира во Изборниот законик и да се укине техничката влада. Мислам дека дури и албанските политичари се веќе свесни дека техничката влада е нефункционална, па затоа сметам дека лесно ќе постигнеме консензус за ова прашање. Демократски сојуз е „за“ укинување на техничката влада и секако дека ќе гласаме „за“ во Собранието. Тоа што ѝ е потребно на земјава е враќање на стариот модел – актуелната власт да владее до самите избори – вели Трајанов.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и лани во јануари поднесе предлог за укинување на техничката влада, но тој предлог не беше усвоен во Собранието.
„За“ предлогот за измените на Законот за Влада тогаш гласаа 32 пратеника, а „против“ беа 55 пратеници.
ВМРО-ДПМНЕ го поднесе предлогот во Собранието на 24 јануари, кога побара и веднаш да се распишат предвремени парламентарни избори, без 100 дена техничка влада.
Владејачките СДСМ и ДУИ го одбија предлогот, со образложение дека вакви измени се носат без брзање, со разговори и со консензус на сите партии, а не на предлог на една партија.
Техничката влада произлезе од Пржинскиот договор и беше воведена во 2016 година поради нефункционирањето на институциите и политичката криза во државата.
Концептот техничка влада предвидува соработка меѓу власта и опозицијата во периодот до спроведување на изборите, имајќи предвид дека одлуките усогласено треба да ги носат и министерот и заменикот во ресорите, каде и власта и опозицијата имаат свои претставници.
Решението за техничка влада првично беше применето по политичката криза која настана откако Зоран Заев како лидер на опозицијата во 2015 година почна со објавувањето на „бомбите“, по што следеа предвремени избори.
Од 2016 година досега Македонија имаше две технички влади, првата предводена од Емил Димитриев, втората од Оливер Спасовски.
Согласно сегашното законско решение, техничкиот премиер го предлага партијата на власт, најголемата опозициска партија ги предлага министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика.
Власта има свои заменици во МВР и во МТСП, додека опозицијата има свои заменици во министерствата за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство, шумарство и водостопанство.