Побројното крило на опозициската Демократска партија (ДП) на 20 февруари ќе одржи протест на плоштадот „Народни херои“ во Тирана под слоганот „Или денеска, или никогаш“ објавен од пратеникот Газмент Барди.
Албанската опозициска партија ги повика граѓаните на масовно присуство на протестот.
„Почитувани граѓани, на 20 февруари излезете за да бидете господари на себе си, вашето семејство и на Албанија“ – се наведува во апелот дополнет со список на 20 причини зошто треба да протестираат, меѓу кои „високата корупција на Владата, ниските плати и пензии, уништениот образовниот систем, миграцијата…“
Протестот го поддржаа Партијата на слободата и Републиканската партија.
– Партијата на слободата ќе биде на секој граѓански или политички протест за одбрана на демократијата и правата во државата. На 20 февруари ќе бидеме на плоштад. Мора да се стави крај на неконтролираната и шизофрена корупција – изјави Илир Мета, лидер на партијата на слободата и поранешен претседател на Албанија.
Учество на протестот потврди и Републиканската партија, чиј лидер Фатмир Медиу, порачувајќи дека „протестот е на граѓаните, а не на монополот на политиката“, додавајќи дека секоја поделба на опозицијата е во служба на владејачката левица.