Албанскиот национален комитет за справување со пандемијата на ковид-19, денеска донесе одлука, со која, од први мај се укинува обврската за поседување сертификат за вакцинација или за прележан ковид, како и за негативни ПЦР и антиген тестови за сите странски државјани при влез во државата.
Според Мира Ракацоли, претседателка на комитетот и заменик министерка за здравство, тоа со оглед на стабилната епидемиолошка состојба, но и во интерес на туризмот.
– Почнувајќи од 1 мај, секој граѓанин што ќе влезе на нашите гранични премини не е обврзан да покаже ниту потврда за вакцинација, ниту ПЦР тест. Заштитните маски веќе не се задолжителни ниту во затворени простории, но препорачуваме истите да се носат. Комитетот му препорачува на Министерството за внатрешни работи да се дозволи музика и по 23:00 часот во угостителските објекти – рече Ракацоли.
Со одлука на комитетот на втори март, по речиси две години, беше укинат полицискиот час, кој траеше од 23 до 6 часот, а една седмица подоцна и мерката за ограничено присуство на собири.
– Бројот на заразени со ковид-19 е значително намален. Позитивноста е 3,8 отсто од бројот на тестираните и во моментов има 430 активни на болеста. На болнички третман се само петмина пациенти. Иако се укинати сите мерки, апелираме да продолжи вакцинацијата на граѓаните. Досега 60,8 отсто од популација е вакцинирана со две дози – рече таа.
Ракацоли најави дека во земјата ќе почне вакцинација со четврта доза за лица постари од 60 години и оние кои имаат имунолошки заболувања или други пропратни заболувања.