34 лица се хоспитализирани во медицински установи по инцидентот кај софиското село Локорско, каде во комбе беа пронајдени 18 мртви тела на мигранти, но и повредени луѓе. Меѓу починатите има и едно дете на 6 или 7-годишна возраст, јави БНТ.
– Хоспитализираните пациенти се во тешка состојба, но не се во животна опасност. Сè што е потребно пружаме, како итна помош и реанимација – вели министерот за здравство, д-р Асен Меџидиев, откако на лице место се запозна со здравствената состојба на настраданите во несреќата.
Министерот Меџидиев истакна дека веднаш по пријавата за инцидентот испратени се 6 екипи од Центарот за итна медицинска помош – Софија.
– Во моментов се справуваме со ситуацијата. Колегите реагираат исклучително брзо и професионално. Медицинските установи веднаш обезбедија дополнителни екипи. На настраданите ќе им пружиме најдобра можна медицинска помош – рече министерот.
Според првичните информации, мигрантите починале од задушување.
Според информациите на Бугарската национална телевизија (БНТ), мигрантите требало да бидат префрлени од бугарско-турската граница до бугарско-српската граница.