Италијанската екипа Ферари го претстави денеска својот нов болид „SF-23“ со кој ќе се обиде во новата сезона во Формула 1 да му биде конкурентен на Ред Бул.
Презентацијата на новиот болид беше организирана во базата на италијанскиот тим во Маранело со концерт и во присуство на голем број навивачи на Ферари.
За Ферари во претстојната сезона ќе возат Шарл Леклер од Монако и Шпанецот Карлос Саинц, додека нов шеф на екипата е Фредерик Васер.
– Чувствувам дека сите се горди на сработеното и тоа е многу важно за мотивација на сите. Сезоната ќе биде долга, но мотивацијата е тука и таа е круцијална за перформансот – рече Васер.
Следното појавување во јавноста новиот болид на Ферари ќе го има на претсезонските тестирања од 23 до 25 февруари во Бахреин.
Новата сезона во Формула 1 стартува на 5 март со трката за Големата награда на Бахреин.
Ферари последен пат ја освои титулата во конкуренција на конструктори во 2008, а една година претходно ја славеше последната титула во поединечна конкуренција кога триумфираше Финецот Кими Раиконен.