Раперот Кирнан Форбс, попознат како АКА, е убиен пред ресторан во градот Дурбан, Јужна Африка. Форбс е убиен заедно со неговиот близок пријател, готвач и претприемач Тебел „Тибз“ Моцоане.
Се претпоставува дека двајцата на пат кон ноќен клуб за да го прослават роденденот на Форбс кога биле застрелани. Мотивот за убиството во моментов е непознат.
За смртта јавноста ја информираа неговите родители.
„Со голема тага ве известуваме за смртта на нашиот син. Почина трагично на 10 февруари 2023 година. Се надеваме дека полицијата наскоро ќе ни даде повеќе детали. Беше син, брат, внук, братучед, пријател и што е најважно татко. За многумина ќе остане познатиот АКА. Тој сакаше и беше сакан. Ја бараме вашата приватност во овие тешки моменти. Ви благодариме за зборовите на поддршка. Тони и Лин Форбс“, соопштиле неговите родители преку неговите профили на социјалните мрежи.
АКА ја започна својата кариера како член на групата „Entity“, а на крајот на месецот требаше да издаде нов албум.
Добитник е на бројни награди, неколку пати беше номиниран за BET (Black Entertainment Television Award) и еднаш за „MTV Europe Music Award“.