Комерцијалните банки, согласно постојната законска регулатива од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, Законот за заштита на лични податоци, како и подзаконската регулатива, треба редовно да ги ажурираат личните податоци на клиентите. Во современи услови на сѐ позачестено користење на услугите на електронско и мобилно банкарство, согласно законските одредби за заштита на личните податоци и безбедноста на плаќањата, неопходно е банките да одржуваат редовна комуникација со клиентите, заради безбедно извршување на услугите и заштита на корисниците на финансиски производи и услуги, предупредува Народна банка.
– Банките треба да го потврдат идентитетот на клиентот или вистинскиот сопственик при воспоставувањето на деловниот однос. Секоја банка со интерен акт ја определува фреквенцијата на ажурирање на документите и податоците потребни за следење на деловниот однос со клиентите. При промена на некој од личните податоци (адреса, нова лична карта и сл.), клиентот е должен соодветно да ја извести и банката чиишто услуги ги користи – велат од НБ.
Оттаму додаваат и дека банките треба да ги информираат граѓаните за наједноставниот, најлесниот и најбрзиот начин на кој можат да ги ажурираат своите лични податоци, како и колку често треба да врши ажурирање на нивните лични податоци кај банката (дури и тогаш кога нема промена на податоците).
-Во некои банки постои можност ажурирањето на податоците да се врши по електронски пат, без доаѓање на шалтер во банките.Изнаоѓањето начини за известување за новините во регулативата, како и редовната комуникација со клиентите за сите аспекти при користењето на услугите од банкарскиот сектор придонесува кон зголемување на довербата на граѓаните во банкарскиот сектор, а со тоа се намалува просторот за шпекулации и дезинформации коишто можат да ја нарушат стабилноста на банкарскиот систем – велат од Народна банка.