More

    Ковачевски: Не ја исклучувам можноста во следниов период да се одржи нова лидерска средба на којашто ќе поразговараме за најзначајните прашања

    spot_img

    Не ја исклучувам можноста во следниов период да се одржи нова лидерска средба на којашто ќе поразговараме за најзначајните прашања, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски, присетувајќи се на тоа дека последната лидерска средба се одржа во ноември минатата година, а и тогаш, како што рече, претседателите на политичките партии не разговарале само за уставните измени, туку и за останатите важни предизвици.

    – Нова лидерска средба во моментов не е планирана, меѓутоа, јас не ја исклучувам таквата можност. Освен уставните измени, на една евентуална нова лидерска средба би се отвориле и други прашања од важност за државата – порача премиерот.

    Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, утрово веднаш му „удри корпа“ на премиерот и му порача дека ставот за уставните измени не се менува и дека наместо лидерска средба подобро е да се случат предвремени парламентарни избори.

    – Не треба да очекувате дека нашиот став ќе биде променет. Ставот е дека овој Парламент нема мандат за да менува Устав, бидејќи опозицијата не учествувала во креирање на тој договор, ниту, пак, се согласила на содржината од тој договор. Наместо лидерска средба, треба час поскоро да се случат предвремени парламентарни избори и да излеземе сите со решение на проблемот што го направи Владата на ДУИ поддржана од СДСМ, па граѓаните нека одлучат кому да ја дадат довербата. Постојат неколку опции, па граѓаните се тие што ќе дадат правец и насока каде да се движи Македонија – рече Мицкоски.

    И од Левица не сакаат ни да чујат за учество на лидерска средба. Оттаму велат дека самиот формат на одржување лидерски средби е класичен пример на спроведување недемократски методи.

    – Воопшто не ни седнуваме на маса. Пред само два месеца се одржа лидерска средба и кој беше исходот? Која е поентата на парламентарната демократија, на изборите и на Собранието ако сите важни прашања се решаваат зад затворени врати, односно на лидерски средби? Ова е класично дерогирање на парламентарната демократија. Си имаме пратеници кои всушност се народни претставници во Собранието и тие пред целата јавност треба да ги решаваат овие проблеми. Ако се сеќавате, токму на лидерската средба за пописот беше договорен и законот за легализација на дивоградби. Така што, лидерските средби очигледно претставуваат модел за поткусурување и за задоволување на теснопартиските интереси. Форматот на одржување лидерски средби е пример на спроведување недемократски методи. Каде е јавноста и каде се пратениците при носењето важни државни одлуки? Така што, дури и да има нова лидерска средба, Левица повторно ќе ја прескокне – ни изјави Јована Мојсоска, членка на Президиумот на Левица.

    Последната лидерска средба се одржа на 7 ноември минатата година во зградата на Парламентот, а тогаш присуствуваа сите партиски лидери освен Димитар Апасиев од Левица и Билал Касами од Беса.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img