Чувствителноста на различни состојки во кремите често се манифестира во форма на алергии. Но, последиците можат да бидат многу полоши.
Една жена од Минесота претрпе делумно губење на видот од труење со жива, заедно со многу други вознемирувачки симптоми и ненамерно ги изложи на ризик другите членови на семејството, според Си-Ен-Ен. Најверојатно со користење на крем за осветлување на кожата што содржи високо ниво на оваа токсична хемикалија – но која не била означена на пакувањето.
По темелна истрага на нејзиниот дом, Агенцијата за контрола на загадувањето во Минесота (MPCA) подоцна открила високо ниво на жива дури и во детските соби. Високо ниво на хемикалија имало и во пералната, на крпите и постелнината.
Меѓу почестите симптоми инаку поврзани со труење со жива се трнење во рацете или нозете и вкочанетост. Експертот го опиша губењето на видот во извештајот како „поекстремен и постојан симптом“. „Нејзиниот вид нема да се опорави“, објасни др. Ерин Батдорф за CNN.
Живата се додава во кремите и лосионите за осветлување на кожата, „бидејќи делува така што го инхибира производството на меланин“, објасни др. Мариса Гаршик, дерматолог во Менхетен Дерматологија и козметичка хирургија.
Според тоа, американската ФДА ја ограничи количината на жива во производите за осветлување на кожата на помалку од 1 ppm, а во Европа генерално се исфрла од употреба поради нејзината токсичност.
Количината на жива во двата производи што ги користела пациентот била неколку илјади пати поголема од дозволената.
„Осветлувањето на кожата, особено со производи кои содржат жива, е ризично и штетно од различни причини“, објаснува др. Гаршик. Овие производи не само што ја иритираат кожата, туку се апсорбираат од кожата, што може да предизвика проблеми поврзани со бубрезите и нервниот систем – вклучувајќи тремор, промени во видот и слухот, вкочанетост, пецкање и друго. Нивото и степенот на изложеност се поврзани со сериозноста на ефектите.
И другите членови на семејството можат да бидат изложени на жива, поточно преку контакти и користење на крпи, што е особено проблематично кога се во прашање децата.
Најдобар начин да се заштитите од штетните хемикалии како живата во производите за лична нега е темелно да ги истражите производите, да се консултирате со сертифициран дерматолог и пред сè, да купите производи од овластени продавачи.
д-р. Гаршик исто така советува да избегнувате производи увезени од други земји ако не сте сигурни за состојките или ако не се етикетирани.