Рускиот претседател Владимир Путин денеска, за време на видео средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг, изјави дека сака да ја зајакне воената соработка со Кина, фалејќи го отпорот на Москва и Пекинг на притисокот на Западот.
– Во контекст на западниот притисок и провокациите без преседан, ние ги браниме нашите принципиелни позиции – рече Путин во разговорот со Си.
Според него, „координацијата на Москва и Пекинг на меѓународната сцена служи за создавање праведен светски поредок заснован на меѓународното право”.
– Во руско-кинеската соработка посебно место има воената и техничката соработка која придонесува за безбедноста на нашите земји и одржување на стабилноста во клучните региони – нагласи Путин.
Рускиот претседател потоа посочи дека двете земји имаат намера да ја зајакнат соработката на вооружените сили.
Путин денеска најави и дека неговиот кинески колега ќе допатува во „државна посета” на Русија во пролетта 2023 година, што ќе биде прва посета од почетокот на пандемијата со ковид-19.