„Евтината тарифа од 0,6 денари се зголемува на 1,3 денари, повеќе од двапати, тоа го заборавија да го кажат. И сега кога ќе си пресмета секој еден граѓанин колку киловат часови троши во евтина, а колку во еден од блоковите, ќе видите дека сметката со додадените плус 5 проценти данок на додадена вредност ќе биде најмалку 20 отсто поголема. Но, тоа од први јануари ќе го видат сите граѓани и ќе го доживеат“.
Ввака одговори на новинарско прашање претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој денеска беше на отворање на градинка во населба Усје.
Мицкоски додаде дека тоа е така бидејќи во 2021 и 2022 година од државниот буџет сите граѓани префрлиле на АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, повеќе од 265 милиони евра.
– А, само во 2022 година заклучно ноември, без декември се префрлени 180 милиони евра. А, со декември ќе бидат повеќе од 200 милиони евра. И како одат тие пари? Од државниот буџет се префрлаат во ЕСМ, а ЕСМ распишува тендер за ископ, се уценуваат компании да не се пријавуваат на тој тендер за ископ и поради итност се потпишува договор во четири очи. Истото тоа се прави и со мазутот, истото тоа се прави и со увезениот јаглен односно транспортот и истото тоа се прави со авансното плаќање на фактурите за увезена струја – додаде тој.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека од тие 200 милиони, проценките се дека најмалку 30 милиони се крадат. Мицкоски ги повика сите оние кои што се повикуваат на борба против криминалот и корупцијата „да отидат и да ги отворат документите и ќе увидат каде е криминалот”.
Мицкоски, околу увозот за струја, рече дека за месец и половина почнувајќи од 7-ми или 10-ти ноември до крајот на 2022 година се повеќе од 45 милиони евра.
– Цело време ги слушаме како кажуваат дека произведуваат, дека задоволени се потребите, готово нема увоз итн. А, еве јас ви тврдам, нека ме демантираат дека само за само еден и половина месец се потрошени од страна на АД ЕСМ повеќе од 45 милиони евра – рече тој.
Според него, „не се пресметани трошоците за cross border капацитетите и доколку ги пресметате и тие, ќе добиете некаде околу 600 илјади евра разлика, не 800 илјади, што е повторно прилично имајќи предвид дека 2 милиони е целата зделка”.
– Значи 30 проценти имате профит, што е нешто неверојатно. Тоа авансно се плаќа. Ете така се краде Македонија. И секој кој што ќе каже борба против корупција, еве веднаш ви кажувам пример – одговори Мицкоски на прашањето како ја коментира набавната цена на струјата за 40% поголема од пазарната.