И компаниите кои трошат индустриска струја обезбедена од ЕСМ ќе добијат поевтина струја во наредниот период, најави Васко Ковачевски, генерален директор на ЕСМ.
Повод за ова како што изјави Ковачевски е тоа што 7.000 фирми се затворени поради виосоката цена на струјата.
– Владата прави напор во делот на малите потрошувачи да има намалување на цената. Тоа се 65.000 субјекти, а имаме информација дека 7.000 правни субјекти веќе затвориле. Треба да се помогне на таа категорија на потрошувачи, тука ќе има значително намалување на цената – рече Ковачевски.
И од Регулаторна комисија за енергетика претходно најавија дека за малите потрошувачи кои плаќаат индустриска струја се подготвува тарифен систем сличен на оној за домаќинствата.
Првиот човек а ЕСМ рече и дека се размислува за намалување на цената на струјата за домаќинствата кои штеделе струја односно се во првите две тарифи.
-Како ЕСМ задно со Владата правиме пресметки цената која ЕСМ ќе ја дава кон ЕВН Електродистрибуција и кон МЕПСО заедно со онаа кон ЕВН Хоум да не предизвикаат зголемување на цените, односно дури да може да има намалување на цената за крајните потрошувачи – рече тој.
Ковачевски изјави дека за потребите на ЕВН Хоум ќе достават табела од сегашната цена од 48 евра за мегават час па нагоре, а Владата на затворена седница одучува која цена ќе биде препорачана и во затворен плик ќе ја достави на денот на тендерот на ЕВН Хоум.
ЕСМ денеска треба да ја достави цената по која Електродистрибуција ќе ги покрива загубите во системот, утре треба да биде доставена цената за ЕВН Хоум, а во понеделник за покривање на загубите во системот на МЕПСО.
Се очекува од вторник, па до крајот на следната недела Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги – РКЕ да ја донесе одлуката за цената на електричната енергија што ќе важи од 1 јануари идната година за да може навреме ЕВН да ги подготви софтверите.
Засега се знае дека по 1 јануари ќе се зголеми ДДВ-то за потрошената електрична енергија од сегашните 5 на 10 отсто, но сепак ќе остане со повластена стапка до јули идната година кога согласно одлуката на Владата треба да се врати на вообичаените 18 отсто.