Украинскиот претседател Володимир Зеленски го посети Керсон и им се обрати на војниците во понеделникот, неколку дена откако руските сили беа принудени да се повлечат од јужниот град по неколкумесечна окупација.
„Да одиме напред“, им рече тој на војниците кои стојат во формација пред зградата на управата на главниот градски плоштад. „Ние сме подготвени за мир, мир за целата наша земја“, рече тој.
Зеленски им се заблагодари на НАТО и другите сојузници за нивната поддршка во војната против Русија и рече дека испораката на артилериски ракетни системи со висока мобилност (ХИМАРС) од Соединетите држави многу му помогнала на Киев.
На главниот плоштад се собраа и родители со деца, некои туркаа колички за бебиња. Насобраните вееја украински знамиња, а некои го ставија знамето на рамениците.
„Навистина сум среќен, може да се види од реакцијата на луѓето, нивната реакција не е наместена“, рече тој во коментарите на кои сведочеше дописникот на Ројтерс од Керсон.
Запрашан каде може следно да напредуваат украинските сили, тој рече: „Не Москва… Не сме заинтересирани за територии на друга земја“.
Неколку минути пред да пристигне, луѓето во центарот на Керсон можеа да слушнат гранатирање во близина. Откако Зеленски го заврши својот говор, низ градот одекнаа уште неколку артилериски експлозии.
Украинските сили пристигнаа во центарот на Керсон во петокот, откако Русија го напушти единствениот регионален главен град што го зазеде откако Москва ја започна својата инвазија.