Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ денеска изјави дека по наредба од претседателот на државата, Александар Вучиќ е зголемена борбената готовност земјата откако беспилотни летала биле забележани над територијата на централна Србија, за кои властите во Белград тврдат дека влегуваат од Косово. Министерот за одбрана за РТС изјави дека не можеше да каже чии се дроновите, но тврди дека доаѓаат од територијата на Косово.
Министерот за одбрана на Косово Арменд Мехај вчера демантираше дека дроновите, за кои се тврди вели дека се забележани над подрачјето на јужна Србија, потекнуваат од територијата на Косово.
Дел од српските медиуми вчера објавија неофицијални информации дека беспилотни летала снимале активности во копнената безбедносна зона и две касарни, односно дека летале над Мердар и околината на Рашка, на границата со Косово и на југот на Србија.
Српскиот министер за одбрана рече дека Вучиќ „издал наредба секој таков објект да биде елиминиран или ставен под наша (српска н.з.) контрола“. Тој изјави и дека борбените авиони „миг 29“, кои ги активира Србија, не се подигнати поради беспилотните летала, туку дека само патролираат на српското небо.
Министерот за одбрана на Србија изјави дека армијата на овие предизвици може да одговори со топови и на други начини.
Според Вучевиќ, сите набљудувани беспилотни летала доаѓале од два правци од Косово, по линијата на копнената безбедносна зона, со „повремени навлегувања на територијата на централна Србија и обиди да се набљудуваат позициите на единиците на српските вооружени сили и одредени објекти“. Беспилотни летала биле забележани и во окрузите Топлич и Нишава.
– Не можам да кажам дека безбедносни ризици не постојат, пред се поради неодговорното однесување на администрацијата во Приштина, но Србија не сака никакви војни – рече Вучевиќ.
Косовскиот министер за одбрана Арменд Мехај вчера рече дека тврдењата дека беспилотните летала доаѓаат од Косово се само изговор за зголемување на бројот на војници на српската армија околу границата со Косово и средство за ширење паника меѓу граѓаните.
Односите Белград – Приштина повторно се вжештија откако косовските власти почнаа со спроведување на планот за пререгистрација на возилата на косовските граѓани издадени од Србија со оние што се пропишани со законите на Република Косово. Одлуката предвидува санкции за сите што нема да ги заменат српските со косовски регистарски таблички. Косовските служби вчера почнаа со изрекување опомени на возилата со српски регистарски ознаки, конкретно со ознаки КМ (Косовска Митровица).