Проруските власти во Херсон во јужна Украина денеска соопштија дека започнала нова евакуација на населението во областа каде што украинските сили спроведуваат офанзива.
– Ќе преселиме и префрлиме околу 70.000 луѓе кои во моментов се наоѓаат во зона на 15 километри источно на левиот брег на Дњепар – изјави прорускиот гувернер на Херсон, Владимир Салдо.
Проруските сили минатата недела соопштија дека околу 70.000 цивили ги напуштиле своите домови во Херсон, западно на десниот брег на реката во близина на линијата на фронтот.
Салдо рече дека е донесена одлука повторно да се евакуира населението поради опасност од можен ракетен напад на браната лоцирана на реката, пренесе Бета.
Регионот Херсон е делумно контролиран од Русија, која во октомври го анектира делот што го освои, заедно со уште три други региони на Украина под нејзина контрола.
Украинските сили водат офанзива за повторно заземање на регионот Херсон веќе неколку недели.