Руското Министерство за одбрана денеска објави дека членови на британската морнарица минатиот месец го разнеле гасоводот „Северен поток“, директно обвинувајќи ја членката на НАТО за саботажа на клучната руска инфраструктура.
Министерството за одбрана своето тврдење не го поткрепи со докази.
– Според достапните информации, припадници на единица на британската морнарица учествувале во планирањето, подготовката и извршувањето на терористичкиот напад во Балтичкото Море на 26 септември оваа година – минирање на гасоводите „Северен поток 1“ и „Северен поток 2“ – велат од министерството.
Русија претходно го обвини Западот за минатомесечните експлозии кои ги оштетија гасоводите „Северен поток 1“ и „Северен поток 2“ изградени од Русија во Балтичкото Море.
Но, Русија никогаш досега не презентирала конкретни докази за тоа кој е одговорен за штетата предизвикана на гасоводите, кои беа најголемата рута преку која Европа се снабдуваше со руски гас. Кремљ постојано ги нарекуваше „глупави” обвинувањата за руската одговорност за оштетување на гасоводот, а руските официјални лица рекоа дека Вашингтон има мотив затоа што сака да продава повеќе течен природен гас (ЛНГ) на Европа.
Министерството за одбрана на Велика Британија ги отфрли тврдењата на Русија дека нејзини специјални сили биле вмешани во нападите врз гасоводите „Северен поток” и Црноморската флота на руската морнарица.
Министерството за одбрана на Твитер објави: „За да го одврати катастрофалното справување со илегалната инвазија на Украина, руското Министерство за одбрана прибегнува кон објавување лажни тврдења од епски размери”.
Оваа измислена приказна повеќе кажува за расправиите што се водат внатре во руската влада отколку за Западот.