Во четири украински региони, кои беа еднострано припоени од Русија минатиот месец, денеска стапи на сила воената состојба што во средата ја прогласи рускиот претседател Владимир Путин. Во меѓувреме, Украина од денеска ја ограничува потрошувачката на електрична енергија поради руските напади на енергетската мрежа.
Со прогласена воена состојба во регионите Доњецк, Луганск, Керсон и Запорожје, регионалните власти назначени од Русија добиваат дополнителни овластувања за обезбедување безбедност. Меѓу другото, воената состојба предвидува построги безбедносни проверки и ограничувања на движењето. Воведувањето на воена состојба според руското законодавство овозможува, меѓу другото, зајакнување на вооружените сили, воведување полициски час, ограничувања на движењето, цензура и притвор на странски државјани.
Во Русија денеска стапија на сила и зајакнати безбедносни мерки. Новите ограничувања за движење, според британски Би-Би-Си, се применуваат во регионите долж границата со Украина, како што се Брјанск, Белгород и Краснодар, како и на полуостровот Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година.
Сепак, радио станицата „Ехо на Москва“ која е критична за Кремљ, која престана со работа веднаш по почетокот на руската инвазија поради притисокот на властите во Русија, повторно почна да емитува програма. Радиото емитува програма од Берлин, а во проектот во моментов учествуваат 20 новинари, на кои наскоро би можеле да им се придружат десетина колеги, изјави заменик-главниот уредник на радиото Максим Курников.
Украина, пак, од денеска ја ограничува потрошувачката на електрична енергија поради руските напади врз украинската енергетска мрежа. Според украинскиот оператор на електродистрибутивната мрежа Укренерго, намалувањата на струјата ќе стапат на сила ширум земјата од денеска во периодот од 7 до 22 часот по локално време, а прекините на електричната енергија би можеле да траат вкупно до четири часа.
Во средата вечерта, украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика народот на Украина да заштеди електрична енергија. Тој предупреди дека енергетската инфраструктура на Украина ќе продолжи да биде цел на руска агресија, додавајќи дека владата работи на воспоставување мобилни извори на енергија за снабдување на критичната инфраструктура во градовите и селата. Компанијата „Укренерго“ ги повика Украинците да добијат доволно залихи вода, „топли чорапи, ќебиња и прегратки за членовите на семејството и пријателите“. Таа им препорачала и да полнат мобилни телефони, батериски ламби и преносни батерии, јавува Би-Би-Си. Надлежните исто така ги повикуваат жителите да штедат енергија во вечерните часови.
Зеленски во вторникот објави дека 30 отсто од електраните во Украина биле уништени во руските напади од минатиот понеделник, предизвикувајќи широки прекини на струја низ целата земја. Според Укренерго, во изминатите десет дена имало вкупно повеќе руски напади врз енергетската инфраструктура отколку во целиот претходен период од почетокот на руската инвазија на 24 февруари.
Во средата, американските власти издадоа обвиненија против пет руски државјани поради сомневање дека доставувале електронски компоненти од САД на руските производители на оружје. Во одделен случај, беа поднесени обвиненија против тројца Летонци и еден Украинец за наводен обид да прошверцуваат американско алат во Русија што може да се користи за производство на оружје.