Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации изрази длабока загриженост во Женева поради насилството на иранските безбедносни сили врз демонстрантите на улиците на иранските градови.
Извештаите велат дека загинале 23 малолетници, а многу други се повредени.
– Постојаната, непотребна и непропорционална употреба на сила против демонстрантите мора да престане – изјави денеска во Женева портпаролката Равина Шамдасани.
Таа предупреди дека иранските власти вршат рации во училиштата и ги носат децата кои учествувале во протестите во „психолошки центри”, како што и потврди иранското Министерство за образование.
Ова може да укаже дека овие деца се одведени во центри за превоспитување, посочува портпаролката.
Канцеларијата за човекови права на ОН се повикува и на извештаите дека се уапсени најмалку 90 новинари, адвокати, уметници и активисти за човекови права. Во извештаите се наведува дека уапсените биле малтретирани, мачени и дека немаат пристап до медицинска нега.
Портпаролката потсети дека Исламската држава Иран потпишала конвенции за човекови права со кои се обврзува да ја заштити слободата на говорот и правото на мирни демонстрации.
– Ги повикуваме властите сериозно да пристапат кон проблемот на народното незадоволство наместо да користат сила за да ги задушат протестите – рече Шамдасани.
Протестите избувнаа по смртта на 22-годишната Курдка Махса Амини, која беше приведена од полицијата за морал поради непочитување на строгиот религиозен кодекс на облекување и почина како резултат на тепање, според тврдењата на активистите за човекови права. Властите негираат дека починала од тепање.