Историчарите треба да се занимаваат со историјата, а политичарите ќе се занимаваат со политиката, на тој начин ќе имаме и добри добрососедски односи и побрз напредок на државата во полноправно членство во ЕУ – рече премиерот Димитар Ковачевски, во одговор на новинарско прашање да даде коментар на изјавите на одредени бугарски историчари дека македонскиот преродбеник Кирил Пејчиновиќ бил Бугарин.
– Јас присуствував на вечерната богослужба по повод канонизацијата на Кирил Пејчиновиќ и тоа беше еден исклучително свечен свет настан на којшто присуствуваа голем број граѓани во Лешочкиот манастир. Таму имаше граѓани од повеќе делови на државата, имаше граѓани од различна политичка провиниенција бидејќи бев и јас, меѓутоа и претставници на политички партии, четири владици… И тоа беше чин со којшто ние го негуваме нашето духовно и културно наследство македонско. Тоа што некој сака да провоцира тоа е негов проблем. Ние точно знаеме што е нашата историја. Ние точно знаеме што е нашата култура. Ние точно знаеме што е нашиот македонски јазик сега веќе признат во целата Европска Унија. Во тоа наскоро ќе се уверат сите граѓани кога ќе го потпишеме договорот Фронтекс со ЕУ и со македонски идентитет веќе преговараме со ЕУ – нагласи Ковачевски.
Тој повтори дека комуникацијата помеѓу државите се одвива на официјално ниво помеѓу претставници на институциите, значи луѓе од политиката, меѓутоа, вели, „секогаш постојат и други интереси, други личности кои сакаат да ги нарушат односите помеѓу две држави и обично со свои изјави предизвикуваат негативни чувства, предизвикуваат нешто што вие го нарекувате и јас го нарекувам провокација”.
– Треба да бидеме смирени, бидејќи имаме многу јасна преговарачка рамка со ЕУ каде што историските прашања за коишто сега ме прашавте се дел од работата на историската комисија во која што има 14 историчари по седум од двете страни и тие историчари заедно со консензус мора да ги донесат сите решенија. Значи, не може без кој било од тие историчари што се во комисијата да се донесе кое било решение и јас на историчарите им препорачувам тие да се занимаваат со историјата, политичарите ќе се занимаваат со политиката и на тој начин ќе имаме и добри добрососедски односи и побрз напредок на државата во полноправно членство во ЕУ -истакна тој.