Ако на светскиот пазар нема гас, тогаш топланите ќе работат на дизел гориво и Скопје ќе има парно, кажа директорот на Електрани на Македонија (ЕСМ) Васко Ковачевски. Од оваа грејна сезона со парното греење во главниот град ќе стопанисува државната компанија ЕСМ, откако Регулаторната комисија ги одзема трите лиценци на „Балкан енерџи груп“ (БЕГ).
Фирмите на ЕСМ за топлинска енергија имаат набавено гас само за октомври, но Ковачевски вели дека тие нема да престанат да работат и дека после 20 октомври ќе започнат со постапка за набавка на енергенси за ноември, но и да постигнат договор за 6-месечна испорака на природен гас со фиксна цена која ќе биде пониска од сегашната.
– Доколку има криза за природен гас во европски рамки, ние се подготвуваме да имаме и втора варијанта односно ги подготвуваме топланите Исток и Запад да работат на дизел гориво. Претходно работеле на мазут, но тој повеќе загадува и затоа се одлучивме за дизел гориво – рече Ковачевски.
Утрово, 85 згради во Скопје немале парно, но Ковачевски вели дека тоа е вина на старите бидејќи не ги извршиле потребните подготовки.
– Утрово во 5.50, преку топланите Запад и Исток почна испораката на топлинска енергија и се испорачуваше до 9.15 часот кога надворешната температура достигна 12 степени. Апелирам до граѓаните да се подготват за им се испорача топлинска енергија, одговорноста не е кај ЕСМ туку кај граѓаните – рече Ковачевски.
За топланата Север, која не може да почне со работа и 500 домаќинства од тој дел на Скопје нема да имаат парно, Ковачевски рече дека станува збор за посебна единица која е под Топлификација која е во стечај. Тие имаат долгови кон ЕСМ за помошта која ја дале минатата сезона и досега нема никаква иницијатива од нивна страна за се подмири долгот и да се најде начин како да работат зимава.