Нападот на Русија врз Украина, окупацијата на областа околу украинската нуклеарна централа „Чернобил“ и ставањето на руските нуклеарни сили на готовс, ја зголеми вознемиреноста, но и побарувачката за таблетите со калиум јодид, објавија денеска австриските медиуми.
Во аптеките во Австрија има недостиг од таблети со калиум јодид, што се оправдува со потребата граѓаните да се снабдуваат во случај на потреба.
Светот стравува од можноста за нуклеарна војна, па затоа деновиве и во Германија и во Украинасе купуваат таблети со калиум јодид кои сеземаат за време на тешки нуклеарни несреќи и зрачење, како што беше случајот со Чернобил во 1986 година. По заканата од рускиот претседател Владимир Путин дека ќе активира нуклеарно оружје, граѓаните на Хрватска исплашени во аптеките бараат јод, јави и хрватската Нова ТВ.
Таблетите со калиум јодид доколку се земаат навреме по нуклеарен инцидент, штитат од таложење на радиоактивен јод во тироидната жлезда и на тој начин го намалуваат ризикот од рак на тироидната жлезда.
Овие таблети за првпат им беа препорачани на граѓаните по инцидентот во нуклеарниот реактор во Чернобил, кога радиоактивните облаци стигнаа до Виена. Училиштата и градинките од тоа време имаат таблети калиум јодид во нивните аптеки.
Лекот не е наменет за сите, туку за луѓе помлади од 40 години кои биле изложени на нуклеарна радијација. Луѓето на возраст од 18 до 40 години можат за мала цена да купат таблети во аптеките, а луѓето над 40 години не треба да ги користат бидејќи имаат многу низок ризик од рак на тироидната жлезда поради зрачење, а ризикот од несакани ефекти од таблетите е голем, пишуваат австриските медиуми.