Швајцарија не му издаде виза за влез во државата на поранешниот светски шампион во шах Анатолиј Карпов.
Ова го соопшти официјалниот претставник на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
– Швајцарија не му издаде влезна виза на Анатолиј Карпов за учество на премиерата на филмот „Светски шампион” во седиштето на ООН во Женева. Берн демонстрира неспособност да води политика на неутралност, што многу години го сметаше за негово достигнување – е ставот на Захарова.
Карпов е 12 светски првак во шах. Тој во април 1975 година е официјално прогласен за шампион по одбивањето на Американецот Роберт Фишeр да игра против него за да ја брани титулата. Следните десет години Карпов доминираше во шаховскиот свет, а потоа на тронот доаѓа неговиот тогашен лут ривал и сонародник Гари Каспаров.