Комисијата за односи со верските заедници предочува на јавноста дека во демократски уставно-правен систем каков што е и тежнее да биде македонскиот, слободата на вероисповед и манифестации на својата вера е неприкосновено право на секој граѓанин, исто како што е неприкосновена и гарантирана полната слобода секој граѓанин да одлучи дали ќе биде дел од одредени манифестации на вера, ритуали и обреди.
Ова соопштение на Комисијата следи по бројните реакции што ги предизвика најавата за утрешното „исцелување и изгонување демони“ од страна на Константин Кајшаров, пастор од протестантската црква „Блага вест“.
„Доколку кој било граѓанин бил доведен во заблуда, измамен или принуден против својата волја има право на судска заштита на своите права. Граѓанин кој има сознание пак дека некое лице извршило кривично дело или друг деликт е повикан истото да го пријави. Секој човек има обврска и можност да размисли, но и право по сопствена совест да одлучи кому и дали ќе положи верба“, се наведува во соопштението од Комисијата.
Комисијата известува дека во непосреден контакт со правното лице Доброволна заедница на физички лица христијанска црква „Блага вест“ регистриран верски субјкет во Единствениот судски регистар под број РСВЗРГ-1/16, утврдила дека лицето Константин Кајшаров кој самостојно ја информира јавноста за неговите активности кои ги дефинира како исцелување, ослободување од демони, проклетства и магии и за кои споделува видео прикази е одговорно лице, претседател и верско лице на Доброволната заедница на физички лица христијанска црква „Блага вест“ и како таков ги презема своите активности.
„Комисијата стои цврсто на ставот дека предрасудите не се мерило за пропустите против законот, а сериозно разгледувајќи го делувањето на субјектот укажува на Христијанската црква Блага вест и до нејзиното одговорно лице Константин Кајшаров особено да внимава во односите со јавноста да не се создава сензационализам од манифестациите на верата и со зголемено внимание да се почитува интегритетот и достоинството на луѓето кои одлучиле да бидат дел од неговите обреди и ритуали, како и при делувањето, најавата на активности и нивната реализација да стави јасно до знаење на луѓето дека истите ги организира Христијанската црква Блага вест, со цел намалување на можностите луѓето да направат превид и да западнат во заблуда“, се наведува во соопштението од Комисијата за односи со верските заедници.