Советот на Европската унија одлучи да го продолжи за уште шест месеци, до 15 март 2023 година, времетраењето на санкциите против одговорните за поткопување или загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина.
Како што се наведува во соопштението на Советот на ЕУ, постојните рестриктивни мерки предвидуваат ограничување на патувањето за физички лица, замрзнување на имотот и забрана за ставање на располагање средства или други економски ресурси на наведените физички и правни лица.
Санкциите ќе продолжат да се применуваат на 1.206 поединци и 108 ентитети, од кои многу се цел на овие мерки како одговор на воената агресија на Русија.
По 24 февруари 2022 година, како одговор на руската воена агресија врз Украина, ЕУ ги продолжи санкциите против Русија.
Покрај санкционирањето на највисоките политички претставници, олигарсите, воениот персонал и пропагандистите, санкциите на ЕУ имаат за цел значително да ја ослабат економската база на Русија, како и значително да ја намалат нејзината способност да води војна.
ЕУ ги осудува руските неселективни напади врз цивили и цивилна инфраструктура и ја повикува Русија веднаш и безусловно да ги повлече сите свои војници и воена опрема од целата територија на Украина.
ЕУ е непоколеблива во својата посветеност да и помогне на Украина да го искористи правото на самоодбрана од руската агресија и да изгради мирна, демократска и просперитетна иднина, се вели во соопштението.