Украинските сили и руската армија водат интензивни борби во речиси целиот окупиран регион Харсон, на југот на Украина, соопшти денеска украинското претседателство, пренесе Бета.
И вчера и во текот на ноќта во херсонската област одекнуваа силни експлозии.
– Тешки борби се водат на речиси целата територија на регионот – соопшти претседателството на утринскиот брифинг.
Оттаму се додава дека украинските војници „почнале со офанзивни акции во различни правци“.
Регионот на Харсон е окупиран од руските сили од почетокот на воената интервенција.
Од друга страна, руското министерство за одбрана објави дека руските сили успеале да ја одбијат украинската офанзива во регионите Харсон и Николајев, на југот на Украина.
– Украинската војска претрпе тешки загуби – се вели во соопштението на руското министерство, но овие извештаи не можат да се потврдат од независни извори.
Украина уште од јули најавува голема контраофанзива за ослободување на окупираните територии. Претходно украинските сили соопштија дека пробиле руски линии околу Харсон, каде ги присилиле на повлекување единиците на сепарастичката војска на Доњецк како и некои единици на руските маринци. Не се наведени детали за локацијата на овие борби.
Украинскиот главен штаб ги повика жителите да ги напуштат овие окупирани подрачја, а тие што не се во можност да го сторат тоа, да се обезбедат со залихи од храна и вода и да се скријат во засолништа.
Засега западни воени набљудувачи јавуваат за напредување на украинската војска во регионот н Нова Каховка, каде поминува важна сообраќајница за снабдување на руската војска. Во меѓувреме во руското гранатирање на градот Николајев погинале двајца, а биле ранети 24 луѓе, соопштија тамошните власти.