More

    Ревизорот утврди низа пропусти кај мерките на владата за туризмот

    spot_img

    Мерките што владата ги презеде за намалување на ефектите од пандемијата во секторот туризам не соодветствувале на потребите на секторот, а тоа придонело за низок степен на искористеност на парите, а дел од мерките не се реализирале поради незаинтересираност на субјектите. Ова се дел од заклучоците на државниот ревизор по контролата на „Ефикасноста на преземените мерки и политики за намалување на ефектите од пандемијата во секторот туризам“.

    Ревизорите утврдиле дека мерките се носени без претходна анализа на потребите на секторот какви ефекти ќе имаат дадените мерки.

    „Не постои документација за извршена претходна анализа и процена при креирањето на мерките на која се базира планираниот опфат и потребните средства за секоја економска мерка, условите и критериумите за нивно доделување, како и анализа за влијанието на мерките и утврдување на целта што треба да се постигне на краток, среден и долг рок“, се наведува во извештајот на ревизорот.

    Така мерката „ваучери за домашен туризам“ има реализација од 55 отсто од планираните 704.106.000 денари, „грант за туристички водичи“ е реализирана со 52 отсто од планираните 9.800.000 денари, мерката „грант за туристички агенции“ е реализира со 68 отсто од планираните 116.850.000 денари, повратот за туристичка такса за 2019 година е 48 отсто од планираните 120.000.000 денари. Мерката „финансиска помош за туристички агенции“ е реализира со 61 отсто од планираните 86.100.000 денари.

    Целосно се нереализирани проектот „хотели надвор од туристичките центри“ во вредност од 64.600.000 денари и мерката бесплатни 50.000 ПЦР тестови.

    Ревизорите утврдиле дека не постои ниту контрола на тоа како се користени парите кои се доделени.

    „Владата на РСМ нема воспоставено систем за следење на секоја мерка одделно и не е развиена и објавена централна база на податоци во која на дневно или месечно ниво би се објавиле информации за степенот на реализација на секоја поединечна мерка со податоци за планираните средства, бројот на деловни субјекти и граѓани за кои е наменета мерката, изворот на средствата, степенот на нивната искористеност и неискористеност, причините за нереализираност на мерката“ се вели во ревизорскиот извештај.

    Ревизорите утврдиле дека контрола на исполнување на условите за добивање финансиска помош немало и за последниот шести пакет мерки за туристичките агенции.

    „Во однос на контролата над исполнувањето на условите за доделената финансиска поддршка на туристичките агенции од шестиот пакет на мерки, ревизорите констатираат дека не е утврден начинот на кој ќе се врши контролата за исполнување на условите, ниту пак е определена надлежната институција која ќе ја врши контролата и мерки кои ќе се преземат во случај на неисполнување на критериумите и неизвршен поврат на средства“, се наведува во извештајот.

    Ревизорите извршиле контрола и на Националната стратегија за развој на туризмот 2016-2021 и Акцискиот план 2019-2021 година.

    Тие констатирале дека не се следи реализацијата на планираните активности и дека е незадоволителен степенот на имплементација на активностите од Акцискиот план, што влијае на планирањето, креирањето, донесувањето и имплементацијата на политиките и мерките во областа туризам. Во делот на реализацијата на програмските активности на надлежните институции за туризам е утврдено континуирано намалување на Буџетот за период 2018-2021 година, со исклучок на 2020 година.

    Исто така, утврдена е потреба од унапредување на институционалните капацитети, соработка и координација на активностите на централно и локално ниво и формирање на Комитет за туризам како орган од највисок ранг надлежен за туризмот во земјата.

    „Со престанок на работата на Координативното тело за туризам не постои целосна координација меѓу институциите и носителите на секторот туризам, а поединечното делување доведува до намалување на влијанието на секторот при креирањето на интервентни политики за справување со кризата од ковид-19, видот на мерките, нивното навремено носење и брза реализација“, се наведува во извештајот.

    Со ревизијата е утврдено дека има потреба од измени на законската регулатива поради тешкотии во имплементацијата на законските решенија, што води кон отежната реализација на програмите за развој на туризмот. Нискиот степен на реализација на мерките од областа туризам не одговара на поставените цели за справување со кризата од пандемијата.

    Ревизорите констатирале дека креирањето на мерките и политиките треба да се врши со среднорочно и долгорочно стратешко планирање на државно ниво, со дефинирање на цели и приоритети, како и потреба од анализа за влијанието на мерките со што ќе се обезбеди следење на ефикасноста од нивното спроведување и ќе се дадат идни насоки за постапување.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img