Постои застој и бавна динамика на реализацијата на стратешките инфраструктурни проекти, a трошоците за проектите се зголемени поради повисока цена на чинење на изградбата од првично планираната, како и поради споредни трошоци, констатира Државниот завод за ревизија по ревизијата на повеќе инфраструктурни проекти кои се реализираат со години во земјава.
Ревизорите утврдиле дека дел од проектите добиле одобрениа за градба без завршена експропријаија, кај дел од нив има отстапување од проектираното, а склучените договори за изградба според меѓународните FIDIC условите, предизвикуваат дополнителни трошоци и ризици од дополнителни побарувања од изведувачот, ризик од раскинување на договорите и меѓународна арбитража. Ревизорите констатираат и дека во управувањето со јавни инвестиции отсуствува системска правна рамка, постапки и процедури, надлежни институции и дефинирани индикатори за систем за мониторинг и надзор на спроведувањето на јавните инвестиции што придонесува за ненавремено преземање на корективни мерки;
Со ревизијата опфатени се проекти за кои се создадени трошоци во износ од 58 милиони евра кои се однесуваат на еднократна провизија, камата за повлечени средства и провизија за неповлечени средства.
Ревизорите утврдија дека кај субјектите кои се надлежни за реализација на проектите, проектната документација не е резултат на системски, технички, економски и финансиски анализи. Имено, склучени се договори за изградба во износ 12.856.639 илјади денари, чија вредноста е зголемена на 15.354.883 илјади денари поради признавање на дополнителни и непредвидени работи.
Со анализа на приходите на ЈП за државни патишта утврдивме дека приходите се помали од вредноста на вкупните инвестиции на годишно ниво, освен за 2020 и 2021 година, што предизвикува неизвесност во реализацијата на инвестициите во патната инфраструктура.
Ревизорите утврдија дека мнозинството од проектите кои се реализираат од страна на ЈП за државни патишта се започнати во период од 2014-2016 година. Тие имаат бавна динамика на реализација која се должи на слабости во техничките решенија како дел од проектната документација, раскинување на договори со изведувачи од различни причини, покренување на постапка за меѓународна арбитража, административни пречки за започнување на експропријацијата, комплексна правна рамка со повеќе вклучени институции за утврдување на надоместокот за експропријација која го блокира ефикасното решавање на експропријација.
Исто така, со ревизијата се констатира дека финансиското работење на ЈП ЖРСМ Инфраструктура со загуба и недостиг на финансиски средства во подолг период, негативно влијае врз навремената реализација на стратешките проекти и сервисирање на долгот по договорите за заем. Проектите на ЈП ЖРСМ Инфраструктура се отпочнати во периодот 2012-2014 година и истите се во застој, не се довршени, а од 2018-2019 година степенот на реализација во просек е само 1% на месечно ниво и во 2019 и 2020 година договорите за Коридор X и VIII сe раскинати. Во период на вршење на ревизијата во тек беа евалуации за избор на нови изведувачи за Коридор X и VIII.
Поради бавната динамика на реализација на проектот, измените во проектната документација, откажување на кредиторот од договорот за заем и понатамошно финансирање на проектот, постои неизвесност за завршување на проектот за Изградбата на Регионалниот клинички центар Штип.
– Оваа состојба ги усложнува понатамошните постапки за продолжување и реализација на проектот од страна на Владата на РСМ и надлежните институции, со ризици од зголемена цена на проектот, дополнителни трошоци и ефикасно управување со проектите -велат од Државниот завод за ревизија.