Нашите заблуди, илузии, вавилонски кули, нашата лична битка со ветерници, меракот што еден ден ќе ни пресуди се содржат во зборчето „Аб’т“, како што е насловен последниот роман на Оливера Ќорвезироска (Или-Или, 2019).
Најубавата илузија, лага, што ќе си ја изрежираме самите на себе, на која ќе се фиксираме и сѐ ќе ѝ подредиме. Која ќе ги даде насоките на нашиот живот и ќе ни го трасира патот до смртта. Всушност, исто како што се јази растението аб’т (на кумановски дијалект израз за растението бурјан), така и нашите илузии се плетат во нашите животи и ни го попречуваат патот, сѐ додека не се појави нешто што ќе ги разбие и ќе нѐ врати во реалноста. Но сакаме ли да се вратиме во здодевната реалност или ќе туркаме напред упорно водени од замислената возвишена цел, ама со главата в ѕид?
Ете со таков апсурд се соочува сопругот на Зоре, неименуваниот копач на бунар, татко на три деца, кој наумил да ископа бунар на одредено место во дворот иако и самиот многу добро знаел дека таму нема воопшто да најде вода. Но, за да го поткрепи својот наум, тој на посакуваното место, го засадил растението аб’т за кое луѓето верувале дека ако се фати во земјата и се разлиста оти тоа е доказ дека под него има вода. Арно ама иако аб’тот се закоренил и се раззеленил во дворот, вода под него немало.
А таткото-кондураџија ќе си го даде и животот и работата и семејството само за да не се посрамоти пред светот дека залудна му била упорноста во копањето бунар.
Романот составен од три дела, го раскажува третото дете на Зоре, кое дел од настаните ги сведочи од неговото зачнување, како плод во утробата на мајката, а дел по неговото раѓање. Раскажувачот е присутен кога бил нероден, а кога е роден е речиси незабележлив. Постои ли? Или и тој е илузија која само треба да ни посведочи за моќта на илузорноста што ја одгледуваме со помош на нашата фантазија и ја храниме со нашите неостварени желби?
Настаните во романот се прикажани како сведоштва за случките во маалскиот и семејниот живот. Мајката Зоре е централен лик кој ги трпи последиците од акцијата преземена од нејзиниот сопруг – копањето непотребен бунар. Сите други ликови присутни во тажно скроеното соседско милје ја засилуваат нејзината неутешна судбина – и шилците на оградата од болницата, и отсечената рака на мрднатата од љубов Алинка, и пијаницата Љубен зачнат од „страсните погледи“ меѓу Мила и Станко, и скршениот часовник од зрното град… Додека раскажувачот е исклучиво сведок на згоди и незгоди, без лично дејство, и без име и презиме, главната раскажувачка оска на авторката често пати скршнува во лингвистички циклуси кои опфаќаат поучни пасуси за неговото височество – зборот и неговите многубројни значења и толкувања.
Како лингвист и познавач на буквите, гласовите и на зборовите, Ќорвезироска мајсторски си игра со зборовите, со нивното основно значење, но и со подлабоките пораки што тие можат да ги пренесат од уста на уста, од човек на човек, од срце на срце. Изречени и премолчани. Играта на зборови често ги обојува нејзините реченици и ги довршува нејзините мисли.
Во „Реслото“ на крајот од книгата авторката потврдува дека раскажала случки од својот живот кој ги припишала на измислениот машки раскажувач, во чиј глас, сепак, се насетува женски тон.
Во романот длабок 18 метри потрагата по смислата оди во длабочина, не во широчина. Во најдлабоките мисли и намери на ликовите. Како неродени и како родени. Како реални и како измислени. Соочувањето на реалното со надреалното не ѝ е туѓо на писателката Ќорвезироска која токму во тој спој ја промислува својата философија на илузијата на обичниот човек. Оној кој наумил да стаса до центарот на земјата за да му докаже на светот дека сѐ може да биде поинаку. Освен неговата лична замисла.