Писателите Владимир Јанковски, Румена Бужаровска, Елизабета Баковска, Јовица Ивановски, Снежана Младеновска Анѓелков и Никола Маџиров се нови членови на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) откако ја прифатија поканата за членство, соопшти Друштвото.
На 13 февруари ДПМ одбележува јубилејни 75 години постоење и по тој повод Претседателството на Друштвото одлучило да покани во асоцијацијата неколкумина истакнати книжевни творци, чии дела веќе доживеале рецепција и валоризација и во домашната и во странски средини.
„Се работи за автори кои добиле некоја од престижните книжевни награди и кои веќе се здобиле со сериозна писателска репутација. Се радуваме и го поздравуваме нивното зачленување во ДПМ и очекуваме нивната понатамошна активност да донесе дополнителен квалитет и креативна разнообразност во дејствувањето на асоцијацијата“, се наведува во соопштението од Друштвото на писатели на Македонија.